Mонографијата „75 години Театар Куманово (1948-2023)“ е достоен сведок на една богата театарска историја

Промоција на монографијата во Куманово

Во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово на 30 ноември се одржа свеченост на која беше одбележан значаен јубилеј и беше промовирана монографијата „75 години Театар Куманово (1948-2023)“.

Монографијата „75 години Театар Куманово (1948-2023)“ е подготвувана цела година. Користени се материјали од архивата на Театар Куманово. Во многу наврати се користени и приватни архиви од актери на театарот, актуелни и пензионирани.

Во авторскиот тим кој ја подготви монографијата се Сашо Костовски, Кети Дончевска Илиќ, Зоран Зафировски и Симона Тоскиќ.

– Театарската уметност е уметност на мигот. Уникатно и единствено доживување кое се случува сега и овде. Неповторливост, осудена на заборав. Токму поради тоа, потребата да се забележи театарскиот миг на одреден простор е од непроценливо значење. Потврдата за континуиран театарски живот е провокација што наметнува обврска за одбележување на еден развоен пат кој е нераскинлив дел од македонската театарска и културна историја. Токму таков континуитет, веќе 75 години, гордо остварува Театар Куманово – напишаа авторите во предговорот на монографијата.

Монографијата „75 години Театар Куманово (1948-2023)“ има за цел трајно да ја запише 75-годишната театарска традиција, издание кое по повод 75-годишнината од професионалното постоење на Театар Куманово ќе го потврди, пред сѐ, стремежот кон театарскиот израз како значаен темелник на културниот развој на градот.

Театарот во Куманово има развоен пат што е нераскинлив дел од македонската театарска и културна историја

– Да се создава театар денес, се чини е особено тешко. Тешкотиите, наметнати како предизвик што треба да се совлада, не само денес, туку низ 75-те години на Театар Куманово само ги зацврстувале љубовта, заложбата, посветеноста на уметниците и сите оние кои учествуваат во реализацијата на еден креативен чин. Токму уметничката креација што се наметнува како императив, создава услови за потврда на огромното културолошко значење на театарската уметност.

Од денешна перспектива, со задоволство можеме да истакнеме дека уште од годините на предвестувањето, па сѐ до денес, вредеше влогот на секој поединец, секој сон, мечта, лична жртва и многубројни откажувања, но и многу убави спомени и моменти исполнети со среќа, вредни за сеќавање, бидејќи Театар Куманово прерасна во почитувана и етаблирана институција со свои јасни цели и јасна програма во делокругот на сопствената промоција и промоцијата на домашната и светската драматургија. Театар Куманово останува да биде дом на сите љубители на театарската уметност, место каде што театарџиите не можат, а да не проговорат повторно и повторно за светот, општеството и луѓето од своето време, притоа не откажувајќи се повторно и повторно да потсетуваат на убавината на љубовта, играта, слободата.

Се надеваме дека монографијата ќе биде достоен сведок на една богата историја, но и вовед во следното многувековно постоење. И сѐ додека му веруваме на шпанскиот драматург Лопе де Вега, според кого за театар се неопходни три штици, двајца актери и една страст, ве покануваме и понатаму заедно да создаваме театар – ќе остане запишано во монографијата.

Промоција на монографијата во Куманово

Промотор на изданието на свеченоста во Куманово беше театарскиот критичар Тодор Кузманов. Во однос на поддршката со финансиите што беа потребни да се отпечати монографијата, се вклучиле Министерството за култура и компаниите „Бучен Козјак“, „Метал Нет“, „Мока Пром“, „Зафир“, „Оли Травел“, „Екстра Меин“, „Кооп инженеринг“, „Мега“, „Форма“, како и Драган Дамјановски со лична донација и „Македонија Осигурување“ – Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 207, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот