МНР го објави билатералниот протокол со Бугарија

Бујар Османи и Теодора Генчовска / 17 јули 2022 / Фото: Фејсбук, Бујар Османи

Министерството за надворешни работи го објави билатералниот протокол, кој министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска го потпишаа денеска во Софија.

Потпишувањето на протоколот и одржувањето на состанокот на меѓувладината комисија следуваа откако вчера францускиот предлог беше одобрен од страна на Владата по усвојувањето на заклучоците во македонското Собрание.

Со оглед на тоа дека меѓувладината комисија не се состанала од 2019 година, по бугарското вето, во денеска потпишаниот документ е содржан периодот од три години, а вообичаено е овој документ се потпишува еднаш годишно.

Османи денеска пред новинарите ја презентираше содржината на Протоколот, кој освен податоците за политичкиот дијалог, средбите, работата на меѓусекторските групи, ги содржи и точките од пакетот четири плус еден и што се очекува од двете земји во тие области согласно Договорот за добрососедство.

Tекстот на Протоколот меѓу другото предвидува идентификување и преземање мерки против говор на омраза во натписи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор ќе биде обврска на министерствата за надворешни работи на Бугарија и Северна Македонија кои ќе ги контактираат и информираат надлежните институции за заедничко идентификување на таквите случаи.

Во него, дополнително за говорот на омраза е предвидено дека државите ќе преземат ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на нивните односи.

„Двете држави преку дипломатски канали меѓу министерствата за надворешни работи да продолжат да разменуваат информации во врска со говор на омраза, идентификувани натписи и знаци на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни материјали како и во јавниот простор на територијата на другата држава и да информираат во разумен рок за преземање активности од соодветната држава за неодложно отстранување на идентификувани случаи на говор на омраза“, се наведува во Протоколот.

Целиот Протокол, интегрално, можете да го прочитате тука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот