
Мисија „Чандрајан 3“: И Индија остава свои траги на Месечината
Индија е на пат да стане четвртата нација што ќе спушти свое возило на Месечината.
Препорачано
„Чандрајан 3“, што на санскрит значи „лунарно возило“ успешно беше лансирано од вселенскиот центар „Шрихарикота“ во Андра Прадеш. Најмоќната индиска ракета однесе во вселената тристепена капсула со орбитер, лендер и ровер, која постепено во сѐ подалечна орбита треба да стигне до Месечината при крајот на август. По неколку орбити околу Месечината, од системот ќе се одвои лендерот „Викрам“ за да се спушти меко на површината.
Ако сѐ помине како што треба, на 24 или на 25 август Индија ќе стане четвртата земја што спуштила свое возило на Месечината. Тоа прво му успеа на Советскиот Сојуз, а потоа и на САД (единствените што испратиле и астронаути) и на Кина. Индија требаше да се приклучи на овој клуб во 2019 година, но мисијата „Чандрајан 2“ заврши со неуспех.
Чандрајан 1“ во 2008 година направи неколку орбити околу Месечината и потоа намерно беше урнат на површината. Во краткиот период од дејствување, „Чандрајан 1“ спроведе дотогаш најтемелна потрага по вода на површината на Месечината и откри дека таа има тенка атмосфера во деловите осветлени од Сонцето.
Централен елемент на мисијата „Чандрајан 3“ е лендерот „Викрам“ (наречен според основачот на Индиската организација за вселенски истражувања ИСРО), кој во својата утроба го носи роверот „Прагјан“ (мудрост на санскрит). Возилото со маса од 26 килограми и шест погонски тркала треба да ги истражи површината и карпите околу кратерот на кој ќе се спушти и да испраќа податоци до Контролата на мисијата.
– Роверот носи пет инструменти, фокусирани на откривање на физичките карактеристики на површината на Месечината и на атмосферата непосредно до површината, како и на тектонските активности. Се надевам дека ќе откриеме нешто ново – изјави Шридара Паникер Соманат, шеф на ИСРО.
За мисијата „Чандрајан 3“ Индија вложи 6,1 милијарди рупии (околу 75 милиони долари). Шефот на мисијата Мислвами Анадурај изјави дека вселенските истражувања се преклопуваат и се надополнуваат со подемот на информатичката технологија во Индија.
– „Чандрајан 1“ помогна многу. Вселенската програма стана престиж за Индија и ги привлече најбистрите умови – изјави Анадурај.
Тој додава дека Индија придонесува во глобалните напори за изградба на вселенски бази, па и колонизација на Месечината, како попатна станица за подлабоки вселенски авантури.
– Ако сакаме да развиеме Месечината како станица и порта до длабоката вселена, мора да спроведеме истражувања, да откриеме дали и како е можно да се конструира база со локални суровини и како да однесеме луѓе таму. Конечната цел е Месечината, која е далеку 360.000 километри, да биде продолжен континент на Земјата. Ние тогаш нема да бидеме пасивни набљудувачи – изјави шефот на мисијата.