Министерството за здравство: Медицинската историја на пациентот што почина на Онкологија не била изгубена

Наводите за губење на медицинската историја на пациентот кој починал во Клиниката за онкологија се неточни, соопшти Министерството за здравство.

„Во врска со случајот со починатиот пациент на Клиника за онкологија информираме дека пациентот е донесен во исклучително тешка состојба, со четврт стадиум метастази на коски, што било констатирано пред една година и дадена терапија. Од страна на медицинскиот тим веднаш била иницирана постапка за обезбедување крвен дериват. За жал, додека траела оваа процедура, пациентот починал и покрај сите преземени мерки. Исто така, потенцираме дека семејството на пациентот одбило да се изврши обдукција. Наводите за губење на медицинската историја на пациентот се неточни, ниту имаат каква било поврзаност со третманот на пациентот“, соопштија од Министерството.

Министерството за здравство упатува апел до јавноста за почитување на интегритетот, достоинството и професионалноста на сите лекари и здравствени работници. Вербалните и физички закани, велат од Министерството, не смеат да бидат дел од општеството кое се стреми кон хуманост и грижа за здравјето.

„Секојдневната работа на Клиниката за онкологија и радиотерапија, но и на другите здравствени установи, носи големи предизвици и емоционален товар. Медицинските тимови постојано се соочуваат со тешки состојби и со неизвесни исходи, вложувајќи максимални напори во спасување животи и обезбедување највисок можен квалитет на грижа“, се наведува во соопштението.

Министерството уште еднаш потсетува дека лекарите се сојузници на пациентите и на нивните семејства. Само преку заемна доверба, почит и поддршка можеме да изградиме здравствен систем кој обезбедува хуман и безбеден третман за сите.

Претходно, „Слободен печат“ објави дека пациент починал во Клиниката за Онкологија и дека според сведоштва на други пациенти за „Слободен печат“, неговата медицинска историја била изгубена, поради што не можел да биде примен. Откако човекот починал, како што велат пациентите, вработените веднаш ја пронашле документацијата.

Директорот на Клиниката за онкологија, Игор Стојковски, за „Слободен печат“ нагласи дека тој нема информации оти медицинската историја на пациентот била изгубена, па пронајдена откако починал, додавајќи дека целата документација за болеста е предадена на семејството.

Пациент починал во рацете на својот син додека чекал пред Онкологија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот