Мицотакис: Овој Велигден ќе го паметиме како Велигден на љубовта, разделени од нашите блиски

Фото: МИА

Ако докрај не се придржуваме до советите на експертите, може да го уништиме сето она што го постигнавме, рече Мицотакис.

Војната сè уште не е добиена. Случаите и бројот на пациенти на Одделите за интензивна нега се намалуваат, како, но сепак, и најмало опуштање, може лесно да доведе до болно враќање назад, порача грчкиот Премиер Кирјакос Мицотакис во неговата денешна порака до граѓаните и додаде дека враќањето во нормалниот живот ќе биде постепено и во фази, но „само кога тоа ќе биде потврдено со научни податоци”, јави дописничката на МИА од Атина.

-Остануваме дома, излегуваме победници, бидејќи една нишка ја дели победата од катастрофата. Ако докрај не се придржуваме до советите на експертите, може да го уништиме сето она што го постигнавме, рече Мицотакис.

Во неговата 11 минутна порака до граѓаните, грчкиот Премиер спомена дека во претходното обраќање потенцираше дека во битката со Ковид-19, април е најкритичниот месец, а сега рече дека „оваа е најкритичната седмица” и се осврна на претстојниот празник, правејќи паралела меѓу страдањата во пресрет на Велигден и страста и жртвувањата „со цел да се надмине голготата на пандемијата и да се стигне до Воскресението”.

-Овој Велигден ќе го паметиме како Велигден на љубовта, но и на одговорноста. Ќе го поминеме разделени од нашите блиски. Можеби и далеку од нашите места и без поклоненија во црквите. Знам дека е многу тешко. Не е во опасност нашата вербам туку здравјето на верниците. Така, ќе ја оправдаме вистинската порака на големиот празник, која што е победа на животот над смртта, порача Мицотакис.

Истакна дека „на хоризонтот се забележува моментот кога продавниците и училиштата, со внимателни чекори, ќе започнат да се отвораат”, моторите на економијата одново ќе се загреат, а луѓето повторно ќе се сретнуваат на улиците и на спортските простори. Но, потенцираше дека сето ова треба да се стори со план.

Во однос на економијата се осврна на владините мерки преземени досега, но и најави нова иницијатива што се однесува на 155 илјади долгорочно невработени лица, кои ќе добијат вонредна финансиска помош од 400 евра.

Паралелно предупреди дека рецесијата за 2020 година ќе биде голема, „но уште поголемо може да биде заздравувањето во 2021 година”.

-Грција по пандемијата треба да биде обновена Грција. Кризата можеби ќе нè повреди. Сепак, ќе нè вооружи со драгоцени искуства за да изградиме една посилна и помодерна држава. Затоа што, токму големите чекори што сега се преземаат се оружјето што може овој привремен тест да го направи алатка за стабилен напредок, истакна грчкиот Премиер.

Мицотакис се задржа и на здравствениот систем, рече дека „пандемијата отстапува, но е многу веројатно да се врати на зима” и затоа здравствениот систем мора да биде подготвен.

Ова е петто обраќање на Мицотакис од почетокот на пандемијата со Ковид-19 во Грција и како што самиот рече на почетокот, „поминаа 33 дена од првата порака” до граѓаните, кога како цел постави ограничување на ширењето на коронавирусот во земјата.

Паралелно им се заблагодари на граѓаните за одговорноста, „за довербата, но и за дисциплинираното однесување”.

-Покажавме, како народ, дека имаме голема внатрешна сила и издржливост. Се покажавме во најдобро светло. И ова ни нуди разумно задоволство, а зошто да не и гордост и истовремено нè вооружува со дополнителен кураж за да ја продолжиме битката, порача Мицотакис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот