Мицевски: Никој не врши притисок врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, кои нема да ги поддржиме

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не ја откриваат стратегијата со која ќе настапат  на пленарната собраниска седница во петок на која ќе продолжи процедурата за уставните измени, но остануваат категорични дека нема да дадаат поддршка и дека власта нема двотретинско мнозинство. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски истакна дека на седницата ќе стане јасно дека власта цела година лаже дека го има потребното мнозинство од 80 пратеници, па затоа по неуспехот на процесот ќе бараат да се поднесе одговорност.

– Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на редовната координација го потврди континуираниот став дека измени на Уставот под бугарски диктат и во ваков формат не се можни и нема да ги поддржиме. Нашиот став е кажан и на Комисијата за уставни измени, каде аргументиравме дека власта турка процес што не е поддржан од граѓаните. Истото ќе го потврдиме и на пленарната седница. Оваа седница ќе биде добра можност да се увери целокупната мнакедонска јавност дека власта цела година лаже, манипулира и сее магла околу уставните измени и дека не се ни блиску до уставни измени. Тоа значи дека власта е разголена и нема друг адут освен лаги и манипулации. Ова се случува секогаш кога народот ќе се потцени и кога личните интереси ќе се стават пред тие на државата. Дозволија државата да ја стават во подредена позиција и да ја донесат во слепа улица. После ова очекуваме одговорност – рече Мицевски на прес-конференцијата после координацијата што претседателот Христијан Мицкоски ја одржа со пратеничката група и коалицијата „За обнова на Македонија“.

Тој не сакаше да открие детаљи за партиското сценарио за седницата, за тоа дали пратениците ќе се јавуваат за збор, дали ќе дискутираат, ќе даваат реплики и контрареплики. Рече дека ќе ги повторат аргументите што ги изнеле на седницата на Комисијата за уставни прашања во јули и ќе ги остават, за, како што рече, народот да ги види дека повеќе од една година манипулираат со бројките, консензусот и луѓето што даваат подршка на оваа работа.

На новинарско прашање дали имаат притисоци, дали пратениците се повикувани од кој било за да бидат директно или индиректно убедувани да гласаат за уставните измени, Мицевски одговори негативно.

– До мене како координатор на пратеничката група до овој момент пратениците немаат пријавено никакви притисоци. А имаме поддршка од граѓаните кои секојдневно ни пристапуваат на улица и бараат да истраеме на она што го бараат и тие, а што е дијаметрално спротивно на актуелното мнозинство – вели Мицевски.

Во врска со најавата на претседателот на Собранието Талат Џафери дека откако ќе заврши претресот тој може и да не го стави на гласање предлогот за приспатување на кон измени на Уставот доколку нема мнозинство Мицевски рече дека тоа е хипотетичко прашање на кое не би одговарал.

– Процедурата и Декловникот се јасни. Тие цело време укажуваат дека имаат доволен број на пратеници. Јас се надевам дека ќе го стават на гласање и јавноста ќе види со кого си имаат работа година дедна и колку лоши и негативни изјави се дадени врз основа на целиот овој процес. Тоа ќе се види и на самото гласање на дневниот ред и тогаш ќе имаме точно видување на она што ќе се случува на самата седница – рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот