Мелони ги пречекува африканските лидери во Рим

Џорџа Мелони / Фото EPA-EFE/ANGELO CARCONI

Италија денеска е домаќин на средбата на врвот за Африка, на кој италијанската премиерка Џорџа Мелони ќе го претстави својот план за овој континент, кој ќе помогне во неговиот развој и треба, како што таа повеќепати изјави, да им даде право на Африканците да не емигрираат оттаму во Европа, јавија италијанските медиуми.

Планот предвидува склучување договори во областа на енергетиката и другите сектори во замена за зголемена соработка во областа на миграцијата. Пристапот меѓу партнерите според овој план ќе биде еднаков. Оваа идеја е позајмена од пристапот на Енрико Матеи, основачот на италијанскиот државен енергетски гигант ЕНИ. Во 1950-тите, Матеи проповедаше непредаторски пристап кон соработката со африканските земји, каде односите со нив треба да бидат еднакви, а развиените земји треба да им помогнат на африканските земји да ги развијат своите природни ресурси. И Мелони е поддржувач на овој пристап, поради што нејзиниот план е наречен „План Матеи“ по Енрико Матеи.

Оваа година, Италија е ротирачки претседавач со Г7 и се обврза во оваа улога да ги направи миграцијата и развојот во Африка централни за нејзините приоритети. Според аналитичарите, една од целите на Италија е да го зајакне своето присуство и влијание на континентот, каде што Кина, Русија, Турција, Индија и Јапонија ја зголемија својата политичка тежина, пренесува Гардијан.

На самитот вчера во Рим пристигнаа лидери и претставници на 25 африкански земји. Списокот на гости не беше објавен. Тие денеска ќе дојдат во зградата на италијанскиот Сенат заедно со претставници на Светската банка, Обединетите нации, Африканската унија, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претставници на Меѓународниот монетарен фонд, за да слушнат што ќе содржи „Планот Матеи“.

Се очекува особено внимание да се посвети на Буркина Фасо, Мали и Нигер, каде владеат воените режими, кои вчера објавија дека веднаш се повлекуваат од Економската заедница на западноафриканските држави. Конференцијата ќе заврши вечер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот