Меѓу бугарската декларација и македонската резолуција: Македонија се утврди, чека премиер во Бугарија

Собрание / Фото: МИА

И бугарската декларација и македонската резолуција се донесени со општ консензус во националните парламенти и се задолжителни за владите. Тоа може да биде проблем за постигнување решение, може да биде и поттик, а може да нема и никакво влијание врз преговорите, сметаат експертите

Македонија очекува веднаш штом ќе се формира новата бугарска влада да ги почне преговорите за да се тргне блокадата кон ЕУ, по можност веќе во септември. На новата рунда разговори со новите соговорници ќе настапи со утврдени позиции – собраниска резолуција со црвени линии за македонскиот идентитет и јазик, како одговор на бугарската декларација од 2019 година со која Софија ги прогласи нашите идентитетски атрибути за бугарски производ.

На тврдењето дека Македонците се Бугари, а македонскиот јазик е само бугарски дијалект е спротивставена државната позиција на Македонија дека македонскиот народ е автохтон, со јазичен, историски, културен и религиски идентитет, а македонскиот јазик и неговите дијалекти имаат свој просторен и временски континуитет.

И бугарската декларација и македонската резолуција се донесени со општ консензус во националните парламенти и се задолжителни за владите. Тоа може да биде проблем за постигнување на решение, може да биде и поттик, а може да нема и никакво влијание затоа што и онака речиси се зависи од политичката волја во Софија.

Кацарска: Исчекор кон единствено општество

Според Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика, македонската декларација има поголемо значење за внатрешна употреба во Македонија и добро е што е постигнато единство, како прв исчекор во општеството кое помина низ турбулентен период на компромиси.

– Нема ништо спорно во македонската резолуција. Бугарската декларација е документ со екстремни ставови, со кои имаме проблем, без разлика дали имаме резолуција во Собранието или не. Сметам дека резолуцијата има поголемо значење кај нас дома и добро е што се постигна консензус. Не гледам дека може да има влијание, во смисла да го отежне постигнувањето на решение со Бугарија. Потребна е политичка волја во Бугарија за да се реши ова прашање – вели Кацарска за „Слободен печат“.

Во бугарските медиуми засега нема анализи и оценки за тоа какво влијание врз разговорите меѓу двете земји може да има македонската резолуција, која завчера беше усвоена во Собранието на предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со 95 гласа „за“, еден воздржан и ниеден „против“. Од ВМРО-ДПМНЕ вчера повторија дека Резолуцијата јасно ги дефинира македонските национални и државни позиции во однос на македонскиот јазик, историја и идентитет и ќе биде обврска за оваа и за секоја идна влада.

„Оваа Резолуција е механизам со кој се обврзуваат сите, и Владата, и Претседателот и останатите институции да го почитуваат овој обврзувачки акт донесен од највисокиот законодавен дом. Резолуцијата дава јасни позиции изградени врз консензус, но и научна аргументација за тоа што смее, а што не смее да се разговара“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Османи: Можен пробив во септември

По 15 август, откако ќе се формира владата во Софија, разговорите ќе се интензивираат, најави вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи.

– Ако има политичка волја да се разреши ова прашање што негативно влијае и врз позициите на Бугарија воопшто, може да се најде начин, а германското и португалското претседателство покажаа дека има решение. Тие предлози ги презеде словенечкото претседателство и се надеваме дека по 15 август ќе можеме интензивно да се ангажираме за евентуален пробив уште во септември. Не сакам да ги кренам очекувањата на јавноста. Ние сме конструктивни, подготвени да влеземе во сериозен дипломатски ангажман за да ги надминеме разликите во рамки на позициите што ги има државата, што вчера уште еднаш се потврдија во Собранието – рече Османи.

Тој додаде дека е важно да се создаде политичка предвидливост во Бугарија, бидејќи тоа се покажало како клучно.

– Се очекуваше дека не би требало да биде проблем техничката влада, бидејќи одлуката за првата меѓувладина конференција треба да е техничка одлука бидејќи политичката одлука за почеток на преговори ЕУ ја донесе уште во март 2020 година. Но, се покажа дека сепак е потребно политичка влада, така што ова ќе го одвојам како прво прашање од кое што ќе зависи понатамошната динамика на разговорите, иако тие разговори не се прекинати и со техничката влада – рече Османи на заедничката прес-конференција со колешката од Косово, Доника Гервала Шварц.

И премиерот Зоран Заев изјави дека разговорите ќе продолжат веднаш откако ќе се формира влада во Бугарија.

Бугарскиот претседател Румен Радев се очекуваше вчера попладне да го даде мандатот за формирање влада на партијата „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов.

Потврдени старите бугарски позиции кон Скопје

Експерти на „Има таков народ“ и на Бугарската социјалистичка партија се согласиле дека Македонија треба да влезе во ЕУ, но Бугарија треба да опстојува на ставот за почитување на Договорот за добрососедство од 2017 година, јавија бугарските медиуми по средбата меѓу двете партии.

– Стратегиски важно е проширувањето на ЕУ, а бугарската позиција кон РС Македонија се темели на решението на Парламентот, на рамковната позиција на владата и на позицијата на БАН – вели Димитар Грдев, меѓународен секретар на  ИТН.

Тој потенцирал дека треба да бараат поголема комуникација со западните партнери и да ја објаснуваат бугарската позиција, бидејќи „таа е правилна“.

– Најважно за нас е да ја видиме РС Македонија како дел од ЕУ и Бугарија да биде опкружена само од пријателски држави и земји членки. Позицијата на Бугарија треба да биде појасно комуницирана со нашите партнери во ЕУ. Ние имаме потпишан договор, имаме јасно преземени обврски и гледаме како се спроведува нивниот договор што го потпишаа со Грција. На нашите партнери во ЕУ треба да им биде јасно дека ние не сакаме ништо повеќе. Ние не поставивме нови услови кон РС Македонија. Сето она за кое настојуваме е напишано во Договорот за пријателство. Бугарија не направила никакви опструкции за нивно пристапување во ЕУ, не сме поставиле ништо ново. Единственото нешто кон кое се стремиме, е брзо и активно да си ги исполнат преземените обврски. И ние ќе ја преземеме должноста да ѝ помогнеме на таа земја за ефективно и брзо членство – вели Грдев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот