„Маверик“ може да оди во пензија: Има ли пилот во борбениот авион?

Авион 1 - Авионот за обука „виста“ со кој управувал софтверот / Профимедиа

Специјализирана програма врз база на вештачка интелигенција успеала 17 часа безбедно да управува со тренажен авион „виста икс-62а“, копија на борбениот авион „ф-16“ наменета за обука на воени пилоти

Софтвери со вештачка интелигенција ја потврдија способноста да пишуваат есеи или да полагаат правосудни испит, но како и со секоја револуционерно нова технологија наменета за зголемување на продуктивноста, брзо им е пронајдена улога и во воената индустрија.

Покрај сметководителите, програмерите, рекламните агенти или новинарите, загрозен е и опстанокот на професијата „резервирана“ за луѓе со највисоки физички и ментални способности – воените пилоти. Специјализирана програма врз база на вештачка интелигенција успеала 17 часа безбедно да управува со тренажен авион „виста икс-62а“, копија на борбениот авион „ф-16“ наменета за обука на воени пилоти. Експерименталниот лет бил спроведен во базата „Едвардс“ на Военото воздухопловство на САД во Калифорнија. Тоа е прв случај во историјата вештачка интелигенција да управува со тактички борбен авион. Авионите „ф-16“ од производителот „Локид-Мартин“ се едни од најубиствените оружја на небото. Успешниот експеримент отвора нови хоризонти на воената индустрија активно да се вклучи во развојот на вештачката интелигенција со цел да развие софтвер со капацитет на воен пилот или, на пример, подморнички капетан, за оружјата од идната генерација, кои би биле уште поубиствени, без да се загрозат животите на луѓето што ги контролираат.

Веќе се најавува дека вештачката интелигенција ќе биде вградена во новите ловци и бомбардери од шестата генерација, концепт што сѐ уште е во развојна фаза.

Прототип на авион од шестата генерација ловци и „ф-16“ : Mariusz Burcz / Alamy / Alamy / Profimedia

Идејните решенија беа овие ловци да можат да бидат управувани и од пилот во кабината или на далечина од пилот во контролата на летот, но сега се отвора можност компјутер со вештачка интелигенција самиот да ги управува леталата на некои мисии. Беспилотно управување веќе се вградува во авионот од шестата генерација што треба да го наследи „ф-22 раптор“ на „Локид Мартин“, првиот борбен авион од петтата генерација во светот. Изработени се првите прототипи на ловците „НГАД“, специјализирани за воздушни судири и мисии на потенцијалниот фронт на пацифичкиот брег на Азија. Френк Кендал од Военото воздухопловство ги известил конгресмените дека се развиваат две верзии на НГАД – со и без пилот. Ловецот со пилот би чинел „неколку стотици милиони долари и би бил два до три пати поскап од повеќенаменскиот „ф-35“, но беспилотната верзија би можела да биде двојно поевтина. Авионот, исто како и „ф-22“, би бил наменет за доминација во воздух, би можел да продира длабоко на непријателска територија, од проектили би се заштитувал со ласерски топови и би можел автономно да ја пронајде најблиската база или писта и да слета на неа.

САД не е единствената земја што сериозно ја испитува можноста за надградување на борбените авиони со вештачка интелигенција. Обединетото Кралство, Италија и Јапонија неодамна објавија заеднички проект за развој на ловец што би бил управуван од алгоритми наместо од пилоти. Амбициозниот план предвидува овој авион од новата генерација веќе кон средината на идната деценија да го замени моделот „тајфун“.

И Русија развива специфична виртуелна интелигенција за беспилотни летала и за модификувани борбени авиони. Неофицијални информации од Москва укажуваат дека во некои модели на руски борбени авиони веќе се вградени системи што им помагаат на пилотите во моменти кога итно треба да донесат одлуки.

На пазарот се појавуваат сѐ повеќе приватни информатички компании специјализирани за развој на софтвер за управување авиони. Компанијата „Шилд АИ“ објави дека обезбедила инвестиции од 60 милиони долари за развој на софтверот „Хајвманјд“, кој со вештачка интелигенција би ги надградил капацитетите на пилотите во комерцијалните авиони, а на борбените авиони би овозможил мисии длабоко зад непријателската противвоздушна одбрана. „Шилд АИ“ тврди дека софтверот би бил способен за воздушни дуели со пресретнувачи, но би можел да се користи целосно автономно, вклучувајќи ги фазите од планирање на мисиите и мапирање на летот.

– Компанијата брза да изработи јата од суперинтелигентни летала, чија доминација би ги обесхрабрила противниците и би спречила судири – изјави Брендон Ценг, коосновач на приватната компанија.

И сопственикот на „Спејс икс“, Илон Маск, пред неколку годни смело претскажа дека брзиот развој на вештачката интелигенција многу скоро ќе ги направи борбените авиони непотребни. Други експерти, пак, се убедени дека наспроти астрономско брзиот развој на новата технологија, вештачката интелигенција уште долго време нема да може да го достигне нивото на искусни пилоти во кабините на борбените авиони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот