Матура

Дајте им да полагаат матура само физичко и музичко, па кога ќе дојде време, ќе чистат клозети во Германија и ќе имаат причина да ја пцујат државава дека ги избркала и ништо не им дала.

Многу интересно. Децава штрајкуваат и бојкотираат, не сакале полагање матура. Или, како компромисно решение, бараат да полагале само два предмета. Музичко и Физичко. И да матурираат. Би било чудо во пакетот предмети да бараат да биде вклучена, на пример, информатичката технологија или основите на вештачката интелигенција. Очигледно, поважни се формални матурски сертификати отколку суштинските што значат нивен старт ап во животот.

Ова се вика corrupted mindset, за кое имам многупати пишувано. Или, преведено, корумпиран начин на размислување. А тоа е најлошиот облик на корупција во една минијатурна држава. Уште имам верба дека тука не почнува крајот на државата.

Се сетив на студентските протести за време на шарената револуција. Студентиве излегоа со полушарениве, свртеа два-три круга, и си завршија работа. И никогаш не се јавија повторно. А потоа следуваа изблици на љубов, паѓање во несвест и останато на вечитиве „шарени“ интелектуални инфлуенсери во државичкава, воскликнувајќи – ете, и студентите излегоа против режимот!  А студентиве само си го искористија моментот да си обезбедат лесен живот и за понатаму.

Тоа само покажува дека корумпираниот начин на размислување е во корените на оваа држава. Една наша пријателка, на искршен македонски велеше: Не деца! Родитељи на психијатар!

Се сетив на една мисла на мајка ми, нека почива во мир, која за време на студентските протести рече: Што ги малтретираат децава!? Нека формираат комисија и нека им поделат дипломи! Зар не гледаат дека се е отидено у к….!

Од оваа дистанца, можеби и била во право. Дајте им да полагаат матура само Физичко и Музичко, па кога ќе дојде време, ќе чистат клозети во Германија и ќе имаат причина да ја пцујат државава дека ги избркала и ништо не им дала.

Во фамилијава деновиве слушнав дека внукот (прво одделение) ќе има час посветен на Кристофер Колумбо. Да повторам, прво одделение. Паралелен свет. Кој ќе биде во право, не можам да предвидам. Дали овие со основите на вештачката интелигенција и Кристофер Колумбо или овие со музичко и физичко?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот