Маричиќ – Копман: Со Планот за раст граѓаните ќе ги почувствуваат придобивките од членството во ЕУ

Успешната завршница на скрининг процесот и Планот на ЕУ за раст на Западниот Балкан беа во фокусот на разговорите во Брисел на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и генералниот директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија (НЕАР), Герт Јан Копман.

Маричиќ и Копман на синоќешната средба оценија дека Планот за раст претставува премостлива фаза од крајот на скринингот до отворањето на Кластерот 1, преку инвестиции и реализација на реформи, со кои граѓаните ќе ги почувствуваат придобивките од ЕУ и ќе ја приспособат државата за полноправно членство во Унијата.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Планот за раст претставува најамбициозен механизам на Европската комисија во досегашниот процес за интеграција на земјите од Западен Балкан, со кој првпат ќе имаме можност да користиме резервирани парични средства за спроведени реформи.

Планот за раст предвидува инвестиции во реформите во земјите од регионот, нивно интегрирање на заедничкиот пазар на ЕУ и интеграција на регионалните пазари преку реформи и инвестиции, за што е предвиден европски фонд од шест милијарди евра. Тој треба да овозможи забрзување на реформите, економскиот раст и да ја поттикне многу потребната социо-економска конвергенција меѓу земјите од регионот и ЕУ.

Ваквата конкретна финансиска и политичка инвестиција на ЕУ во државите од Западен Балкан, треба да претставува поттик од страна на Унијата и поддршка за забрзување на членството на Северна Македонија во блокот до 2030 година.

Вицепремиерот Маричиќ, кој воедно е и главен преговарач на земјава со ЕУ, денеска ја завршува работната посета на Брисел со учество на петтиот состанок на Стратешкиот одбор на Инвестициската рамка за Западниот Балкан (ВБИФ).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот