Маричиќ: Блокадата на уставните измени и на нашите евроинтеграции има име и презиме – тоа е ВМРО-ДПМНЕ

Фото: Слободен печат

Скринингот бараше сериозен напор и од администрацијата и од Владата и од сите наши ангажирани луѓе во овој процес. Траеше 15 месеци, речиси сто работни дена поминаа нашите тимови заедно со нивните колеги од Европската комисија овде во Брисел, 850 презентации поминати и презентирани од наша страна и од нашите луѓе и административци на овие скрининзи. Патем, речиси 1000 луѓе дојдоа и поминаа низ овие скрининзи и земаа учество во овие скрининг сесии и состаноци, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за МИА.

Тој додаде дека ова е еден сериозен, масовен, но многу важен процес кој што ги поставува темелите на натамошниот тек на преговорите, процес кој што ни дава јасна слика каде сме во усогласувањето не само на законодавството со ЕУ, туку и во институционалните практики.

-Она што можеме де го кажеме е дека од овој скрининг процес, ние веќе имаме и конкретни резултати и плодови. Впрочем и Европската комисија во својот извештај го оцени како многу успешен овој скрининг процес, во кој што е покажана голема посветеност, голем капацитет, сериозен капацитет и добри резултати – рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека скринингот треба да ни биде модел за тоа како понатаму треба да се движиме во преговорите и одговор на прашањето дали имаме капацитети за преговори, кое што е многу пати поставувано.

-Да, имаме и скрининг процесот тоа го покажа. Затоа жалам што на самиот почеток минатата година во јули кога започна тој процес, беше често оспоруван од многумина, дека тоа е неважен процес, дека тоа е само технички процес, дека тоа не значи отворање на преговорите… Денес гледаме и сигурни сме дека тоа всушност значи дека ние завршуваме една почетна воведна фаза од преговорите и дека тоа ни дава за право да ги кажеме резултатите и исходот од тој процес и да кажеме што очекуваме понатаму вели Маричиќ.

Тој е сигурен дека и на изборите ќе ја имаме истата дилема и тоа ќе биде една од точките на која партиите ќе се разликуваат сериозно и ќе се соочат со избор на два блока, едниот блок – европски фронт, кој што ќе работи интензивно на зачленување на Северна Македонија во Европската Унија до 2030 година и другиот блок што ќе нуди повторно преговарање, повторни кавги, изолација со соседите и од сите текови во оној тунел во кој што бевме 11 години.  Тој додаде дека одговорноста за блокирањето на сопствената држава ќе остане и лежи кај пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и кај партијата, но сепак изрази надеж дека ќе има разумно размислување и ќе се направат уставните измени, бидејќи успехот ќе биде заеднички и потоа државата ќе може да продолжи напред.

-Треба отворено да разговараме каде се нашите проблеми и каде лежи блокадата. Денес и покрај тоа што морам да оддадам признание за конструктивноста во делот на патоказите и учеството на опозицијата во дискусијата за патоказите што е закажана за понеделник, сепак тоа не може да го надомести фактот дека моменталната блокада на уставните измени и блокадата на нашите евроинтеграции има име и презиме. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ – рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека од таа одговорност нема да може да се ослободат ВМРО-ДПМНЕ, колку и да сакаат, бидејќи година и пол на различни начини претставници на Владата, заедно со европските и светски лидери кои дојдоа во Скопје им испраќаат порака за продолжување на европскиот пат.

-Ние сме убедени како Влада и сигурен сум дека и мноштвото граѓани се убедени дека ова не е таква концесија, таква отстапка, која што ќе наруши било што кај нас. Напротив мислам дека само ќе го зајакне концептот на успешна мултиетничка демократија и ќе ги отвори вратите за да ги продолжиме преговорите – рече Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот