
МАМАВИЗИЈА | Лупевска: Докторот ми забрани Талат Џафери да ми биде гостин во емисија
Една од најхрабрите македонски новинарки, актуелна директорка на Телма телевизја, продуцент и уредник, Снежана Лупевска Созен е наша гостинка во денешната емисијата „Мамавизија“. Таа го раскажува животот на една мајка во мешан брак, на јавноста ѝ е познато дека нејзиниот сопруг е Турчин, и за тоа какви реакции добивала за одлуката да стапи во брак со човек од друга националност и религија.
Препорачано
Лупевска, која станала мајка на 42 години по природен пат, во емисијата отворено раскажува за нејзината бременост и за ситуациите со кои се соочила како мајка.
Во емисијата таа сподели еден навистина интересен, но во исто време и сериозен момент.
– Одев нормално на работа, имав уредна бременост, но има еден момент кој го раскажувам како анегдота. Бев во осмиот месец од бременоста и водев „Топ тема“, во тој период беа актуелни „бомбите“, гостин ми беше Талат Џафери и неколку колеги новинари. Паметам беше жестока дебата, по што ми се јави гинекологот за да ми каже друг пат да внимавам и да не викам вакви гости во програма бидејќи сум пред породување. Потоа се шегував и му велев на г. Талат Џафери дека ми е забрането од лекар да го викам во емисија – вели Лупевска во „Мамавизија“.

Таа раскажува за тоа дека нејзиниот сопруг без проблеми прифатил да живее во Македонија и тука да го растат нивото дете.
-Секој за Истанбул ќе рече дека е многу убав, но како турист, не и за живеење. Ние одлучивме да живееме во Скопје, бидејќи ако јас заминев таму, немаше да ја работам оваа професија. Микаил често оди кај неговата баба во Турција и убаво се забавува и таму со многу активности – раскажува таа.
Прифаќањето на зет од друга националност и вера во нејзиното семејство минало „мазно“, бидејќи, како што вели таа, во нивното семејство има повеќе националности, но низ смеа вели дека нејзиниот сопруг е омилен зет во семејството.
-Дома ги почитуваме и двете религии и на тој начин го растеме нашиот син – вели Лупевска.
Погледнете ја целата емисија премиерно вечерва во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Водител и автор на емисијата е Александра Вуксановиќ.