Фото: Анимал ловерс

Малолетник пукал и усмртил куче во струмичкото село Муртино

Здружението „Анимал Лаверс“ – Струмица со огромна загриженост ја информира јавноста за свирепото убиство на кучето Рекс, кое беше застрелано со огнено оружје во селото Муртино, струмичко, на 27 минатиот месец. Полицијата потврдила дека сторител на овој грозоморен чин е малолетно лице, а случајот веќе е предаден на Јавното обвинителство.

За Здружението овој настан отворил сериозни прашања за безбедноста во општеството.

-Како е возможно малолетник да поседува и да ракува со огнено оружје? Дали во семејството на сторителот децата се учат да користат оружје? Дали надлежните институции ќе дозволат ова злосторство да помине неказнето? Каква порака се испраќа до идните генерации доколку ваквите случаи останат без соодветна правна разрешница?, прашуваат од Здружението.

Од „Анимал Лаверс“ очекуваат од надлежните органи итно да одговорат дали некој од семејството на малолетникот поседува дозвола за оружје, кој вид на оружје е користен во овој случај, дали оружјето е одземено и дали ќе следуваат санкции за неговото незаконско поседување.

Како граѓанска организација, бараат најстрога примена на законите за заштита на животните, одговорност за малолетникот и неговите родители и итна контрола и санкции за незаконско поседување оружје.

-Научните истражувања покажуваат дека насилството врз животни често претставува индикатор за идно насилничко однесување, вклучително и криминални дејствија кон луѓето. Не смееме да дозволиме вакви инциденти да останат без последици, се наведува во соопштението од „Анимал Лаверс“.

Ги повикуваат сите граѓани да ја подигнат свеста и да бараат правда за Рекс, бидејќи ова не било само прашање на заштита на животните, туку и на безбедноста на целото општество.

Инаку, како што веќе беше порано објавено од полицијата во кучето било пукано со воздушна пушка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот