Македонските туристи топ не ги бие, аранжманите за Крф резервирани до септември!

Туристичките агенции тврдат дека патниците на Крф се безбедни и го продолжуваат својот одмор. И од српските агенции потврдуваат дека пожарот на Крф, кој избувна во ридот меѓу Ипсос и Касиопи, е локализиран, а пожарот го зафатил и нетуристичкиот дел на Евија

Македонските туристи се безбедни и продолжуваат со својот одмор на Крф, потврдија од туристичката агенција „Мартин травел“ за „Слободен печат“. Од агенцијата додаваат дека според нивните информации, пожарот е локализиран.

Турата е почната на 22 јули, а во моментот на овој грчки остров што беше зафатен од пожар има стотина македонски граѓани, но нивната безбедност не е загрозена, бидејќи се наоѓаат на друг дел од островот. И од туристичката агенција „Стаф“ ни потврдија дека во тек им е турата на Крф, дека се во постојан контакт со патниците и дека сѐ е во ред со нив. Од оваа агенција додаваат дека нема откажувања на веќе резервираните аранжмани и дека до септември сите тури им се продадени.

Претходно и ТВ Сител објави дека евакуирани биле околните села, а на два часа бил испразнет само еден хотел, но таму немало македонски државјани.

– Евакуацијата беше за превентива, за „не дај боже“ и сите луѓе беа донесени во Ипсос – додаваат туристичките работници. Туристичките агенции преку кои се направени резервациите се во постојан контакт и со патниците и со нивните водичи.

– Приближно има 150 Македонци. Повеќето, 99 отсто, се на Ипсос, но има и некои 50-ина луѓе што се на југот на островот. Во суштина, поголемиот дел од пожарот на Крф е локализиран. За среќа, никој не настрада, ниту една куќа не изгоре – рекол Ненад Крстиќ, водич на македонска група.

Инаку, тројца македонски државјани што беа затекнати на грчкиот остров Родос, кој на еден дел е зафатен од силен пожар, ја контактирале нашата Амбасада во Атина, информираа од МНР. Оттаму соопштија дека тие се наоѓаат на безбедно место на Родос. Дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во Грција, како што наведуваат од МНР, продолжуваат да бидат во постојана комуникација со надлежните институции на Грција. Од Министерството уште еднаш апелираа да се избегнува туристичко или било какво друго патување во загрозените подрачја.

Аранжманите за Родос, Крф и Евија не се прекинати, а 13 српски туристи се вратија поради пожарот, изјавија за РТС од Министерството за туризам. Српските туристи на Родос, Крф и Евија се во градови каде што нема пожари и нивната безбедност не е загрозена, вели директорот на Јута, Александар Сеничиќ. Агенциите сѐ уште носат туристи на овие острови, а аранжманот не може да се откаже без да се плати казна. Во моментов на Крф престојуваат повеќе од 1.000 српски туристи, проценува Јута. Стотина има во Касиопеја и во Ипсос, кои се најблиску до местото каде што избувна пожарот. И од српските агенции потврдуваат дека пожарот на Крф, кој избувна во ридот меѓу Ипсос и Касиопи, е локализиран, а пожарот го зафатил и нетуристичкиот дел на Евија.

 Нема враќање пари за веќе уплатените тури за Крф, Евија, Родос

Ако патникот се откаже од договорот непосредно по почетокот на патувањето, а причините за тоа не се оправдани (променети околности или виша сила), организаторот има право на полниот износ на договорената цена на патувањето. Според Законот за облигации, член 933, 934 и 935, во случај на откажување веќе потврдена резервација, организаторот ќе наплати отказни трошоци во висина на уплатената аконтација, објаснуваат од Организацијата на потрошувачи. „Слободен печат“ се интересираше какви се правата на патниците доколку се откажат од веќе уплатен аранжман, а поради актуелните пожари на Крф, Евија и Родос.

– Доколку патникот се откажува од аранжманот пред почетокот на патувањето, поради причини кои не можел да ги предвиди, избегне или отстрани (болест, повреда или смрт во потесното семејство, елементарна непогода или слично), а врз основа на важечка потврда од надлежните органи, во тој случај не ги плаќа отказните трошоци по наведената скала, туку само трошоците произлезени од откажувањето на аранжманот, за кои организаторот е обврзан да ги плати без право на рефундација (административни трошоци). Доколку патникот се откажува од аранжманот по почетокот на патувањето (за време на патувањето или за време на престојот во местото на патување), поради настани што се резултат на влијание на „виша сила“ (воени настани, терористички акти, елементарни непогоди, сообраќајни незгоди или слично), кои ниту патникот ниту организаторот не можел да ги предвиди, избегне или отстрани, организаторот на патувањето не сноси одговорност ниту има обврска за поврат на средствата за нереализирани услуги, освен доколку крајниот давател на услугите прифати и изврши нивна рефундација – детализираат од ОПМ.

Оттаму додаваат дека секако туристичката агенција и патникот кои имаат склучено договор за патување, можат со заеднички договор да определат друг термин за патување или да изберат друг аранжман.

Совети за брза евакуација

Амбасадата на Србија ги советува оние што ќе се најдат во области каде што има пожари да бидат спакувани и подготвени за брза евакуација, доколку има потреба. Оние што штотуку патуваат на тие острови – да проверат дали агенцијата им гарантира трансфер во случај на опасност од пожар и да ги следат известувањата на локалните власти. Мнозинството од оние што го завршија престојот на Крф, редовно се враќаат, а туристите што заминале вчера, безбедно пристигнале и се сместиле. Продолжувањето на одморот на сигурно им е овозможено на триесетина туристи на Родос, кои се наоѓале во јужниот дел на островот, каде што пожарот сѐ уште гори. Помал број побарале да се вратат во Србија, што е овозможено со резервирање билети на летовите на „Ер Србија“, информираат од Министерството за туризам. Во Јута велат дека повеќето најверојатно ќе се вратат дури откако ќе истече аранжманот. Од српската амбасада во Атина велат дека српските туристи што престојувале таму засега се безбедни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот