Македонските духови на сегашноста, минатото и иднината

Фото: Слободен печат

Меланхолична во своите мисли за кратко задрема, онака во полулежечка положба, опуштајќи го своето измачено тело. Можеби и затоа толку се исплаши, кога по неколку мига повторно ги отвори очите и виде пред себе еден блед и подгрбавен старец, кој како некое сениште од ноќните мори намуртено ја гледаше.

Не е лесно да си во моја кожа, помисли Македонија додека немирно се обидуваше да фати позиција на тесниот тросед, поставен пред вклучениот телевизор, во тесната собичка чија темнина ја прекинуваа ритмичките одблесоци на светилките наредени на новогодишната елка. Црвено и жолто одблеснуваше на неваросаните ѕидови, а со секое палење и гаснење таа можеше да види ново дупче во конструкцијата на старите ѕидови од нејзината куќа.

Пред секои избори, како и пред секое востание или војна во минатото нејзиниот спокој се вознемируваше. Нејзините деца никогаш не научија да бидат единствени, па заедно и фатени за раце да ја поминат надојдената река и да преминат на безбедната страна. Меланхолична во своите мисли за кратко задрема, онака во полулежечка положба, опуштајќи го своето измачено тело. Можеби и затоа толку се исплаши, кога по неколку мига повторно ги отвори очите и виде пред себе еден блед и подгрбавен старец, кој како некое сениште од ноќните мори намуртено ја гледаше.

– Македонијо разбуди се – како илјадници гласови наеднаш да прозборија од грлото на старецот – време е.

– Кој си ти – со тремор во гласот таа панично почна да се врти наоколу, но освен старецот во собата немаше никој друг. Набрзина забележа и дека светилките на елката повеќе не светкаат, а собата како да беше озрачена од некаква мистериозна светлина.

– Јас сум духот на Божикот од минатото – проговори старецот – тука сум да те потсетам на твоето минато.

– Какво минато – збунето промрморе таа.

– На твоето крваво минато. Дали се сеќаваш колку крв се пролеа за твојата слобода? За твојот мир и благосостојба. Дали си заборавила на твоите чеда, кои безмилосно се испотребија кога тебе ти беше најтешко? Дали Македонијо, дали си заборавила?

– Не – извикна таа – како можам да заборавам на сите јунаци, на сите револуционери и на сите мајки и сопруги, завиткани во црно, и на оние сирачиња што расплакани и со празни стомаци трчаа по непосеаните полиња, барајќи спас во туѓина – наеднаш пред очите ѝ се појавија сите страдања, сите колежи и крикови на надежта за слобода, прекинувани од предавства и братоубивства.

Очите ѝ се наполнија со солзи, а кога успеа да се смири, виде дека пред неа не е повеќе оној одвратен старец, туку една прекрасна девојка.

– Здраво, Македонијо – гласот на девојката звучеше ангелски, а нејзината кожа со боја на алабастер, беше обрабена со златен отсјај.

– Која си, пак, ти – успевајќи да ја поврати својата храброст, Македонија го постави очекуваното прашање.

– Јас сум божикниот дух на иднината – со блага насмевка одговори таа – тука сум да ти ја покажам иднината. Иднината која те очекува тебе и твоите деца.

– Ама, зошто ми ја покажуваш иднината?

– Бидејќи не е доцна да се промени – духот ја загуби својата форма, претворајќи се во бела површина на која за кратко почнаа да се појавуваат слики од празни градови, по кои талкаат малубројните луѓе, незаинтересирани еден за друг, тие се одбегнуваат, а од очите им излегува омраза. Селата се потполно испразнети, а реките загадени, воздухот е кобалтно син, а тревата може да се пронајде само на врвовите од планините.

– Ах, каква црна иднина е тоа – извикна во очај Македонија, но тогаш виде дека пред неа веќе се сменила сценографијата. Наместо љубезната девојка, стоеше едно костумосано момче, со уредно потстрижена фризура и дизајнерски диоптерски рамки на очилата потпрени на кривиот нос.

– Да погодам, ти си духот на сегашноста?

– Да, во право сте госпоѓице – љубезно одговори момчето – тука сум да ви дадам експертиза за актуелните состојби.

– Значи, ти си експерт?

– Да, и тоа сум – спремно одговори момчето, а покрај него волшебно се створија статистички графикони кои тој спремно почна да ги објаснува – вие Македонијо, како и другите земји од регионот имате два големи проблеми. Првиот е „белата чума“, што подразбира масовно иселување во странство на вашето население, а вториот е големото загадување. Потребно ќе биде вашите деца подобро да ја организираат економијата, образовниот систем, да внесат нови импути во културата, да го подобрат здравството и да создадат општа клима на среќа. За вториот проблем ќе треба да ги исчистат реките, да ги казнат загадувачите, да изградат алтернативни системи за производство на енергија, да возат автомобили на струја, да ја обноват железницата и да возат велосипеди.

– Ама, како тоа да го направат, па нив ништо од ова не ги интересира. Тие се поделени на партии и постојано се гледаат преку нишан. Се инаетат како мали деца, на секој предлог следува контрапредлог, на секоја иницијатива доаѓа реплика. Тие не разговараат, туку врескаат, навредуваат. Никогаш не можат да се договорат на цивилизиран начин. Водат маратонски преговори, а и кога ќе се согласат околу една работа, брзаат потоа да го извртат договореното – избезумена до бесвест таа наеднаш увиде дека момчето повеќе не е во собата. Светилките на елката повторно работеа и ритмички ги опсипуваа ѕидовите со црвена и жолта боја. Некое време немо гледаше во празнината пред себе, не забележувајќи ги сликите што ги емитуваше вклучениот телевизор. Успеа да се прибере и по некое време констатираше дека тоа било само еден непријатен сон. Се поднамести во неудобниот тросед обидувајќи се повторно да ја пронајде дремката. Но наеднаш го отвори едно око, а умот почна аларматно да ѝ ја повторува дилемата – што ако тоа не беше сон?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот