Македонските „бели пуфки“ може да се видат само на старите слики

памук
Поле со памук, Фото: Profimedia

Во 2012 година Александар Патраклиски ја засадил оваа култура на 15 хектари, првенствено за сопствени потреби, но и со амбиција во Штип да се врати базното производство. Експертите се согласни дека домашно производство на памук би било одличен потег за конкурентноста на текстилната индустрија, но за тоа е потребно време и евентуален рестарт на поранешните предилници.

Десетината корени памук засадени пред влезот на текстилната фабрика „ЕАМ“ во Штип се оставени, што се вели, од мерак, но и како потсетник на неговите напори за враќање на полињата со „бели пуфки“ во Источниот регион, раскажува за „Слободен печат“ Александар Патраклиски, сопственик на фабриката. Сега, додава тој, проектот е ставен во мирување и ќе чека подобри времиња, иако имал амбициозни планови за вертикално производство од семе до краен трикотажен производ.

Во 2012 година Патраклиски ја засадил оваа култура на 15 хектари, првенствено за сопствени потреби, но и со амбиција во Штип да се врати основното производство. За потсетување, во 1950 година била изградена и пуштена во редовно производство фабриката за преработка на памук ,,Македонка“ во Штип, која како и многу други капацитети во државава, замина во стечај. Комплексот „Македонка“, за среќа, е оживеан благодарение на најголемата фабрика за производство на стандардни и поло маици „ЕАМ“.

– Бидејќи памукот е главна суровина во нашата фабрика, решивме да почнеме со негово одгледување за да имаме комплетно вертикално производство. Цената на памукот последниве години драстично се зголеми, а исто така има и голем недостиг на светско ниво. Меѓутоа, проектот сега мирува, бидејќи беше практично невозможно целосно да му се посветам – вели Патраклиски.

Сопственикот на „ЕАМ“ раскажува дека пред девет години решил да направи обид за повторно заживување на оваа култура и насадил полиња од 15 хектари. Но, без поддршка од државата, проектот не можел понатаму да се развива.

– Количеството што го садевме, задоволуваше дел од нашите потреби, но секако најголемиот дел се увезува од Индија, а цената на оваа култура е во постојан пораст. Памукот е берзански производ, а во зависност од квалитетот, потеклото и неговите карактеристики, сега се продава и до 7 евра за килограм. Памукот се сади во мај, а се бере по 1 октомври – додава Патраклиски.

Текстилниот гигант „EAM“ има голем број клиенти од странство, меѓу кои се „Мерцедес“, „Сеат“, „Порше груп“ и е меѓу 200 најголеми извозници од Македонија. Сопственикот Патраклиски вели дека ги загрижува и постојаниот пораст на енергенсите. Од тие причини тие лани веќе инсталирале фотонапонски панели за сопствено производство на струја, а планираат уште една.

– Состојбите во текстилната индустрија се усложнија со пандемијата. Цените на суровините и на енергенсите постојано растат, па дел од нарачките се стопираат – вели Патраклиски.

Одамна не се слуша штракањето на машините во предилниците

Експертите се согласни дека домашно производство на памук би било одличен потег за конкурентноста на текстилната индустрија, но за тоа е потребно време и евентуален рестарт на поранешните предилници.

– Македонија има услови за производство на оваа култура, но веќе ги немаме фабриките, и предилниците. Тоа е долг процес, а треба да се направи и анализа за засадените површини, приносите итн. – велат текстилците.

Памучната историја во земјава почнала да се пишува по Втората светска војна. Во 1948 година имало 16.000 хектари со памук, но со годините потоа производството се намалило. Памукот како индустриска култура важна за текстилната индустрија, трајно исчезна од македонските ниви во 80-тите години од минатиот век. Од друга страна, соседна Грција е најголем производител во ЕУ.

И пчелите го сакаат памукот

Ако на сите ни е јасно дека најмеката и најудобната долна облека и пижами се прават од памук, на малкумина им е познато и дека и пчелите ги сакаат „белите пуфки“, поради нивната добра продукција на нектар. Според странските експерти, ова индустриско растение е добар извор на полен.

Против сѐ поголемата употреба на пестицидите се бори најголемата светска Иницијатива за подобар памук (БЦИ), која ги поддржува производителите во постигнување поодржливо производство со поголем принос. Преку БЦИ повеќе од два милиона производители на памук се обучени како да користат помалку вода и помалку пестициди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот