
Македонскиот народен театар со две претстави учествува на МФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица
На 33. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица ќе бидат одиграни две претстави од репертоарот на Македонскиот народен театар.
Препорачано
На 9 септември, во Центарот за култура „Антон Панов“, публиката ќе може да ги погледне претставите „Народен пратеник“, од 20 часот, и „Бели ноќи“, од 22 часот.
Фестивалот годинава свечено е отворен на 8 септември – Денот на независноста, и ќе обедини претстави од Македонија, Србија, Бугарија и Италија.
Првата претстава на МНТ, „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, е во режија на Егон Савин. Режисерот не се потпира на драстична модернизација на текстот, туку суптилно ја истакнува безвременската траги(коми)чна вистина за политичката гнилост, како што ја претставил Нушиќ.
Претставата е добитник на Специјалната Стериина награда за колективна актерска игра, а колективната енергија доаѓа до израз преку изведбите на актерите Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Втората претстава, „Бели ноќи“, е камерна сценска адаптација според истоимениот роман на Фјодор Михајлович Достоевски, во адаптација и режија на Звездана Ангеловска. Копродукциски проект во кој настапуваат Ана Јовановска и Дамјан Цветановски. Приказната за Сонувачот и Настењка отвора прашања за соништата, љубовта и слободата – и за тоа дали луѓето имаат храброст да ги следат сопствените копнежи или се откажуваат во име на општествените норми.
Со овие две изведби, Македонскиот народен театар го потврдува своето значајно присуство на фестивалот „Ристо Шишков“.