Македонски генетичар ѝ донесе правда на австралиската мајка грешно обвинета за чедоморство

Кетлин Фолбиг / Фото EPA-EFE/DAN HIMBRECHTS AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT

Докторот Тодор Арсов е меѓу најзаслужните за докажувањето дека мајката не е виновна, туку децата страдале од ретка генетска мутација што била откриена само кај 75 луѓе во светот

Највисокиот кривичен суд во австралиската држава Нов Јужен Велс конечно го поништи обвинението за Кетлин Фолбиг, која помина 20 години во затвор поради убиство на своите четири деца. Таа беше помилувана во јуни годинава, а судот сега ги поништи и обвинението и казната. Адвокатите на Фолбиг објавија дека ќе ја бараат највисоката отштета од државата, во износ од десетици милиони долари.

Фолбиг во 2003 година беше осудена на 40 години затвор поради „убиство“ на четири свои деца – Кејлеб, Патрик, Сара и Лаура на возраст од 19 дена до 19 месеци во периодот од 1989 до 1999 година, иако на телата на бебињата не беа пронајдени никакви траги на насилство и физичко дејство, туку само врз основа на тоа што мајката го запишала во својот личен дневник. Врз основа на записите, кои не биле испитани од психолози и психијатри, обвинителите докажаа дека таа е „нестабилна мајка, склона кон бес“.

Македонскиот генетичар Тодор Арсов беше меѓу клучните научници што докажаа дека сите деца всушност наследиле генетски мутации и починале од срцеви удари. По неколкугодишна битка новите откритија да бидат прифатени како материјални докази во полза на Фолбиг, таа беше помилувана во јуни, по препорака од судијата Том Батурст, кој забележа дека има „разумно сомневање“ за нејзината вина.

Рекордна отштета

На официјалното поништување на обвинението, Фолбиг беше пречекана од десетици симпатизери. Мајката, која денес има 56 години, им се заблагодари на сите што неуморно работеа за да ја убедат владата и правниот систем на Нов Јужен Велс да ги прифати научните докази.

– Системот претпочиташе да ме прогласи за виновна наместо да прифати дека понекогаш, деца може да умрат ненадејно, неочекувано и срцепарателно. Мислам дека системот и општеството треба добро да размислат пред да обвинат родител дека ги повредува своите деца – изјави Фолбиг.

Таа повтори дека тоа што го запишувала во личниот дневник било извадено од контекст и употребено против неа.

– Тие книги ги содржеа моите лични чувства, кои си ги пишував за себе. Никој не очекува такви мисли да ги чита некој туѓинец, а не, пак, некој што гради став. Ме обвинија за нешто што никогаш не сум го напишала, никогаш не сум го сторила и никогаш не би го сторила – изјави мајката.

Нејзиниот адвокат објави дека ќе биде побарана рекордно висока отштета од државата. Највисоката досега во 2019 година му била иисплатена на Дејвид Истман, јавен службеник од Канбера што поминал 19 години во затвор откако погрешно бил обвинет за убиство на полицаец во 1989 година и осуден на доживотна робија. На ново судење во 2018 година Истман беше прогласен за невин.

Како генетичарите докажаа дека мајката не е виновна

Судењето за „чедоморство“ на Кетлин Фолбиг ја потресе Австралија, но смртта на четирите деца предизвика и бура меѓу научниците, кои тргнаа во акција да најдат одговор на мистеријата како тоа децата биле „убиени“, а притоа немало апсолутно никакви медицински траги од насилство“.

Во обид да ја затворат „најголемата дупка“ во случајот, бранителите на Фолбиг побарале помош од медицински експерти да потврдат или да отфрлат дали е можно децата да починале од природни причини. Поаѓајќи од фактот дека сите деца биле болни кога починале, адвокатите побарале експертиза од генетичари дали болестите можеби биле наследни. Лаура, последната што починала, страдала од респираторна инфекција, а аутопсијата утврдила воспалено срце.

Докторите Тодор Арсов и Карола Винуеса на 8 октомври 2018 година ја посетила Кетлин Фолбиг во затворската ќелија со согласност да земат примероци од ДНК заради анализа. И Арсов и Винуеса потврдиле дека Фолбиг страдала од ретка мутација, позната како ген „КАЛМ2Г114Р“. Овој наследен генетски дефект создава аритмии што може да предизвикаат срцев удар и ненадејна смрт кај деца. Оваа мутација досега била откриена само кај 75 луѓе во светот. Многу деца претрпеле ненадејни срцеви удари, при што починале 20, дури и од родители што воопшто немале симптоми. Случаите биле почести кога бил поттикнат адреналинот, а Лаура користела псеудоефедрин, лек што поттикнува адреналин.

Судот не ги прифатил сериозно научните докази

Споредувајќи примероци од ДНК на сите четири деца земени набрзо по нивното раѓање, Винуеса и Арсов откриле дека Сара и Лаура ја наследиле генетската мутација од својата мајка. Винуеса доставила обемен извештај во декември 2018 година, што им помогнало на адвокатите на Фолбиг да обезбедат официјално преразгледување на случајот иако веќе биле исцрпени сите официјални апели.

Судот, сепак, имал отпор да го прифати извештајот како „научен“. Чувствувајќи дека доказите не се разгледуваат доволно сериозно, Винуеса побарала помош од Петер Шварц, водечки светски генетичар од Милано. Тој одговорил дека лично проучувал американско семејство со истата мутација во кое две деца починале од срцеви удари. Откако и тој испратил писмо со своите заклучоци, судијата конечно ги прифатил извештаите како „научен доказ“. Тоа не ги запрело научниците да продолжат да истражуваат. Арсов подтогвил студија, која во ноември 2019 година била објавена во меѓународно влијателен журнал.

Понатамошни анализи на геномите на Кејлеб и на Патрик потврдиле дека тие имале сосема друга и исто така ретка генетска мутација, која по експерименти со лабораториски глувчиња се поврзувала со смртоносни епилептички напади. Конечно, дури 90 истакнати научници се согласиле дека медицинските наоди укажуваат дека децата починале природно и дека Фолбиг не е виновна. На писменото барање за помилување беа потпишани и докторот Петер Шварц, претседателот на Австралиската академија на науки Џон Шајн и Елизабет Блекбурн, професорка на Универзитетот на Калифорнија и добитничка на нобелова награда во 2009 година.

– Ќе ѝ се радуваме на Кетлин ако ја ослободат. Тоа ќе испрати многу силна порака дека правниот систем сериозни треба да ја прифаќа науката – изјави Винуеса за „Њујорк тајмс“ пред две години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот