
Македонски актери ќе имаат ретка можност да се сретнат со техниката „Михаил Чехов“ во Скопје
Во Театар Комедија во Скопје, на 13 и 14 септември за првпат во Македонија ќе се одржи интензивната актерска работилница „Крупен кадар на внатрешниот живот“ со светски признатиот актер, режисер и едукатор Хју О’Горман од САД.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Настанот претставува единствена можност македонските актери и студенти по актерска игра да се запознаат директно со техниката „Михаил Чехов“ – една од најпрестижните и најтрансформативни актерски методологии, предавана од еден од нејзините водечки светски практичари.
Хју О’Горман има повеќе од четири децении искуство на Бродвеј, во Холивуд и на европските сцени. Неговиот пристап ја спојува имагинацијата со спортската психологија, овозможувајќи актерите не само да изградат посилни и послоевити ликови, туку и да развијат ментална стабилност и внатрешна креативна сила – клучни алатки за филмската и ТВ индустрија.
Покрај гостинот, на работилницата ќе предава и Слаѓана Вујошевиќ, актерка со богато искуство во театарот, телевизијата и филмот, глас на омилената Биби од анимираната серија „Светот на Биби“. Таа е единствен сертифициран тренер по техниката „Михаил Чехов“ во Македонија. Таа ја надополнува програмата со своето локално и регионално искуство, негувајќи ја автентичноста и психо-физичкиот развој на актерите.
– Навистина се радувам што ќе бидеме домаќини на извонредниот Хју О’Горман. За жал, кај нас не се одржуваат доволно едукативни актерски програми од ваков калибар, а токму тие се неопходни за младите актери. Ова е можност да се допрат методи и пристапи кои во светот се сметаат за врвен стандард, и да се внесе нова енергија и сигурност во нашата актерска сцена. Ова е само почеток на едно подолгорочно отворање на нашата средина кон современите актерски практики и создавање генерација актери кои ќе бидат конкурентни и препознатливи и надвор од нашите граници – вели Вујошевиќ.
Работилницата е во организација на Здружението „Ветра Арт“ и „Охо Продукција“, а е поддржана од Агенцијата за филм на Македонија, Театар Комедија, А1 и Шпаркасе Банка. Дел од учесниците се стекнаа со целосна стипендија за следење на обуката.
Со оглед на огромниот интерес кај актерите и студентите, организаторот најавува организирање на идни работилници со светски признати предавачи.