„Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите грмна во оркестарска верзија во виенскиот „Музикферајн“

Овации за „Македонисимо“ во концертната сала „Музикферајн“ / Фотографија: КултурОп

Светската премиера на оркестарската верзија на музичкиот проект „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите, во најпрестижната светска концертна сала „Музикферајн“ во Виена заедно со австрискиот оркестар „Тонкунстлер“ и диригентот Јутака Садо од Јапонија, се случи на 2 март.

Тоа бил настан на кој било привилегија да се присуствува, информираше Здружението за култура и уметност „КултурОп“, и концерт за кој Трпчески во изјавата за МРТ појаснува дека на членовите на квинтетот „Македонисимо“ им донел многу возбуда, среќа и гордост.

– Се случи нешто што засекогаш ќе остане во аналите на историјата на македонската интерпретативна уметност. Возбудата е дотолку поголема што добивме уште една димензија на проектот „Македонисимо“, што Панде Шахов овој пат го обои во најразлични оркестарски бои за поинаква звучна слика. Со желба изведбата да донесе уживање и за самиот оркестар, тој ја направи оркестрацијата многу внимателно. Во секој случај, незаборавно е чувството кога грмна тапанот и низ „Музикферајн“ се разлеаја корените на македонската нација – изјавил Трпчески.

Композиторот и аранжер Панде Шахов појаснил дека не менувал ништо во делниците за квинтетот, туку само оркестарски ги обоил. Изведбата на квинтетот „Македонисимо“ (Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, и Влатко Нушев на перкусии, предводени од пијанистот Трпчески), била посебна инспирација и за членовите од оркестарот, на чело со нивниот музички директор и шеф-диригент Јутака Садо, кој истакнал дека кога првпат ги видел ритмите во партитурите, се исплашил како ќе ги диригира.

– По дводневни проби, забележав дека со помош на прекрасните музичари од квинтетот „Македонисимо“ веќе не се чувствувам како да следам ритам, матрица, туку како да создавам една многу слободна музика. И среќна! Кога завршува секој од ставовите, оваа музика нѐ прави насмеани, среќни. Има преголемо уживање во оваа музика што го слави животот на многу креативен начин – изјавил маестро Садо за МРТ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 169, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.3.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот