„Македонијапат“ со милионски тендери ги одржува патиштата

Фото Колаж на СП/ Фото Фејсбук скриншот

Набавените15 нови комплетно опремени камиони со снежен плуг и соларка, како и 3 нови утоварни машини, заедно со старата механизација, не се доволни за одржување на патиштата.

„Снегот ја изненади Македонијапат“, е реченица што со години се повторува. На првиот поголем снег запира сообраќајот за тешки возила, а и автомобилите заглавуваат по патиштата. Сликите што деновиве се споделуваа во јавноста за хаосот што настана со снегот, се случија две недели откако министерот за транспорт и врски Благој Бочварски заедно со директорот на ЈП за одржување на магистралните и регионалните патишта (поранешна „Македонијапат“) Беким Мемеди, ги претставија во јавноста набавените15 нови комплетно опремени камиони со снежен плуг и соларка, како и 3 нови утоварни машини, со што за првпат по 25 години се набавија нови возила за зимско одржување на патиштата.

Сепак, според информациите од ЈП за одржување на магистралните и регионалните патишта, обновениот возен парк, како и останатата механизација, не се доволни за да јавното претпријатие ја извршува својата функција, па тоа редовно склучува договори со трети лица. Само за зимско одржување на патиштата и на автопатот на територијата на подружниците Скопје, Битола, Велес, Штип, ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта „Македонијапат“ минатата година платило речиси 3 милиони евра. За сезоната 2021-2022 година, поточно за 8 месеци одржување на патиштата и на автопатот на територијата на подружниците Скопје, Битола, Велес, Штип, распишан е нов тендер на кој заинтересираните требаше да се јават до 1 декември, но сѐ уште не е објавено склучувањето на договорот. Според договорот во кој нема проценета вредност, туку се бара понуда од фирми, потребни се по разни пунктови да бидат на располагање 20-ина камиони, неколку булдожери, снегочистачи, натоварувачи, грејдер, при што ќе им се плаќаат работни часови за ангажманот. За истите патишта, но посебно за зимско одржување, објавен е и тендер со проценета вредност од 100 милиони денари (1,6 милиони евра), на кој заинтересираните требаше да се јават најдоцна до 2 ноември, но и за оваа набавка сѐ уште нема известување за склучен договор.

Финансиските извештаи, пак, покажуваат дека ова јавно претпријатие само во првото тримесечје од годинава направило загуби од 620.000 евра. Тоа е последниот финансиски извештај што го има објавено на својата официјална страница. Податоците покажуваат дека претпријатието што треба да ги одржува патиштата за 3 месеци имало приходи од околу 4,9 милиони евра и расходи од околу 5,5 милиони евра. Според извештајот, 88 проценти од приходите на „Македонијапат“ се пари што ги префрла ЈП за државни патишта (во чија надлежност се сите државни патишта вклучувајќи и нивна изградба и поголеми зафати), кое, пак, парите ги обезбедува преку патарини, акцизи, патна такса при регистрација на возила, поставување рекламни паноа. Во финансискиот извештај на „Македонијапат“ се потенцира дека потфрлањето на приходната страна е поради намалување на износот префрлен од ЈП за државни патишта, дури за 10,3 проценти помалку во однос на првото тримесечје од 2020 година поради тоа што и ЈПДП имало остварено помалку приходи. Од друга страна, на расходната страна, материјалните трошоци изнесуваат околу 2 милиони евра и се за дури 54 проценти поголеми отколку во истиот период лани. Зголемувањето, според извештајот, се должи на поголемите трошоци за зимско одржување и асфалтирање.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот