
Македонија со уште поголем успех на престижната листа: „Мато Наполетано“ има 17. најдобра пица во Европа, но и ново признание – најдобра паста
Скопскиот ресторан и траторија, „Мато Наполетано“ е единствен натпреварувач од Македонија, кој неколку години по ред се наоѓа на престижна листа за топ пицерии во Европа и светот.
На 4 јуни во Мадрид, Шпанија, беше одржана церемонијата на доделување на европските награди од водечкиот гастрономски водич 50TopPizza, кој секоја година ги рангира најдобрите пицерии во Европа и светот.
Препорачано
На годинашното издание за 2025 година, скопскиот ресторан и траторија „Мато Наполетано“, повторно ја прослави Македонија на интернационалната гастрономска сцена со две големи признанија.

Скопскиот ресторан, единствен од Македонија, се најде на 17. место на европската листа, со што уште еднаш го потврди својот висок ранг меѓу најдобрите пицерии на континентот.

Новитет е што дополнително, годинава добија и специјално признание – Best Pasta Proposal 2025, односно титулата за најдобра паста во Европа, што е исклучителен успех за тимот на „Мато Наполетано“.

„Кога се носиш со признанија од 50 Top Pizza, го носиш и товарот на кредибилитетот. Затоа сериозноста е важна!“ – велат Зоран Васиљевиќ и Дане Кузмановски, сопственици на „Мато Наполетано“ за новите признанија во изјава за „Слободен печат“
Минатата година, Васиљевиќ за „Слободен печат“ истакна дека се многу благодарни за тоа што го работат, особено дека за една година од нивното постоење беа номинирани и рангирани во елитното друштво на топ 50 пицерии во Европа, а година подоцна и на светската за топ 100 пицерии.

Во моментов сѐ уште е актуелна титулата од ланскиот глобален избор, според која „Мато Наполетано“ е 81. најдобра пицерија во светот, рангирана на листата 50TopPizza World 2024, објавена во септември минатата година во Неапол. Новиот избор за светската листа ќе се одржи на 8 септември 2025 година.

Со новите признанија, „Мато Наполетано“ не само што го задржува своето место меѓу европската пица елита, туку се позиционира и како водечка гастрономска дестинација за љубителите на автентична италијанска паста.

❤️ Ги потсетуваме читателите дека во скопскиот ресторан „Мато Наполетано“ секој ден можете да го читате дневниот весник „Слободен печат“.
Повеќе за успешната приказна на „Мато Наполетано“ дознајте од нашите минати интервјуа со сопствениците Зоран Васиљевиќ и Дане Кузмановски:
ВИДЕО ИНТЕРВЈУ: „Мато Наполетано“ меѓу топ 50 пицерии во Европа и 100 пицерии во светот
ВИДЕО ИНТЕРВЈУ: „Мато Наполетано“ повторно меѓу топ 50 пицерии во Европа