Македонија со најевтин бензин во регионот, Грција и Црна Гора најскапи

Летните одмори се на почеток, а со тоа почнуваат и планирањата за патувања. Освен аранжманот и џепарлакот кои се многу битни, висока ставка на која се одлева домашниот буџет се и горивото и патарините. По она што може да се види на бензиските пимпи кај нас и во соседството, Македонија е лидер во оваа ставка со најевтин бензин.

Сите странци кои влегуваат во земјава треба да знаат дека во мометов цената на дизелот е 1,12 евра за литар, а бензинот е околу 1,30 евра. Со слични цени е и Босна и Херцеговина. Таму за литро дизел ќе платите 1,24 евра, а за бензин 1,32 евра за литар.

Македонците, според туристичките агенции, годинава доколку не патуваат со чартер летови надвор од границите, за дестинација за одмор ја планираат Црна Гора и Грција, но не е мал делот ни на оние кои ќе заминат за Албанија.

Бидејќи летната сезона штотуку започна, потребно е да се направи добар план за полнење гориво бидејќи тоа е еден од поголемите трошоци од буџетот на домаќинството. Во Црна Гора литар еуродизел е 1,34 евра, а литар еуросупер, односно бензин 1,53 евра. Според веб-страницата GlobalPetrolPrice, литар бензин во Грција е најскап и е 1,86 евра, а дизелот е 1,55 евра, додека во Албанија дизелот на бензиските пумпи се продава по цена од 1,51 евро.

Фото: Архива на „Слободен печат“

 

Секоја од овие земји во регионот има свои принципи при објавувањето на новите цени на горивата, но тие најчесто се менуваат на неделно ниво.

Српските портали наголемо пишуваат дека ако се упатите на море преку Северна Македонија, не двоумете се наполните гориво бидејќи за околу 60 евра ќе можете да наполните полн резервоар со еуродизел, ако се земе предвид дека просечниот капацитет на еден резервоар е 50 литри. Исто така, добро ќе поминете и во Босна и Херцеговина бидејќи ќе ви требаат околу две евра повеќе од тоа, односно 60 евра. На овој начин ќе заштедите околу 1.000 денари во однос на полнење гориво во Србија.

Важна ставка кога патувате низ регионот се и патарините. На автопатиштата во Србија од 1 април на сила е нов ценовник за патни такси, кој е повисок за 14 отсто. Возачите на патнички автомобили обично плаќаат 100 денари повеќе, но просечното поскапување е 25 денари. За да одите до црногорското приморје преку автопатот Милош Велики ќе ви требаат 4 евра. Во Црна Гора, пак, се наплаќаат патарини на две делници, и тоа на автопатот Ситница-Херцег Нови и Бар-Подгорица.

 

За да поминете низ тунелот Сожине треба да платите 2,5 евра, додека патничките возила плаќаат патарина од три евра на делницата Мељине-Требиње. Патарината за Албанија е 5 евра на единствениот автопат досега. Патарината кон Грција е околу 10 евра. На пат до Јадранското море во Хрватска најпрво треба да платите патарина во Шид 4 евра, а на другите патарини на хрватските автопати патарината е околу 25-30 евра.
Што се однесува до патот низ Србија, возењето по автопатот „Милош Велики“ сега чини 250 денари, наместо 430, а оние возила кои имаат ТАГ уреди за електронско плаќање, на таа релација ќе плаќаат 235 денари. За делницата од патот Белград-Ниш патарината сега е 500 денари.

Цените на горивата во светот

Барел нафта моментално е околу 75 долари, а на европскиот пазар на почетокот на годината се тргуваше по цена од 117 долари.

Цените на оваа енергија паѓаат на глобално ниво, моментално се стабилни, но од јуни тоа би можело да се промени во зависност од одлуките на групата ОПЕК на јунскиот состанок, како и од глобалната геополитичка ситуација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот