Македонија изгуби 24 милиони евра од европските фондови

Извор: ЕУ

ИПА е главниот финансиски инструмент на ЕУ за поддршка на структурните реформи во земјава. Во тек е реализација на програмата од 633 милиони евра – за 421 милион евра се склучени договори, а исплатени се 308 милиони евра.

Поради доцнење со постапките за набавка и за реализација на проекти од ИПА 2 за периодот 2014-2020, поврзани со секторите животна средина и транспорт и управувани од националните власти, Македонија од доделените средства не искористи, поточно изгуби 24 милиони евра и тие ќе бидат вратени во општиот буџет на Европската комисија, велат од Делегацијата на ЕУ во Скопје за „Слободен печат“.

Програмата ИПА 2 2014-2020 сѐ уште е во фаза на спроведување, а приоритетни сектори за финансирање во овој период беа Демократија и владеење, Владеење на правото и основните права, Акција за животна средина и клима, Транспорт, Конкурентност и иновативност, Социјален развој, Земјоделство и рурален развој и Регионална и територијална соработка.

Претпристапниот инструмент (ИПА) е главниот финансиски инструмент на ЕУ за поддршка на структурните реформи во Северна Македонија и нејзиниот пристапен пат. Од 2007 година, ЕУ инвестираше 1,3 милијарди евра, а досега ИПА имаше три финансиски рамки: ИПА 1 за периодот 2007-2013, ИПА 2 за 2014-2020 и ИПА 3 за 2021-2027 година. Сите три се спроведуваат или под директно управување, од страна на ЕУ и/или од Делегацијата на ЕУ, или под индиректно управување од земјата корисничка или од меѓународна агенција/институција.

Во ИПА 1 2007-2013 парите беа инвестирани во областите владеење на правото и основните права, демократијата и доброто владеење, заштитата на животната средина и одржливото поврзување, економскиот раст и човечкиот капитал, земјоделството и руралниот развој.

Според податоците од ЕУ, вкупната планирана помош за земјава во периодот 2007-2013 година изнесуваше 619.794.257,81 евра, од кои 478.459.905,00 евра се договорени (распределени за поединечни договори), што претставува 77,20%. Исплатени се 427.126.925,00 евра или 89,27% од договорениот износ и финансиската рамка ИПА 1 2007-2013 година се смета за затворена.

СЕП: Искористеноста на ИПА 1 е 75% 

Податоците што ги добивме од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) покажуваат дека ИПА 1 (2007-2013) е завршена во 2020 година и од добиени 604 милиони евра, искористени се 75%. Во рамките на овие средства се и средствата за прекуграничната соработка со соседите и ИПАРД програмата.
Што се однесува до ИПА 2 2014-2020, во тек е реализација на програмата и од 633 милиони евра за 421 милион евра се склучени договори, а исплатени се 308 милиони евра.

„Оваа ИПА ќе се спроведува до 2026 година, а во овој момент имаме неискористување од околу 3,5 % од средствата предвидени во оваа програма“, велат од СЕП.

Во однос на ИПА 3 програмата за 2021-2027, таа е започната и средствата што ќе бидат алоцирани зависи од успешноста на секоја земја да предложи зрели проекти. Оваа ИПА генерација, според СЕП, е во фаза на програмирање и досега се испрограмирани програми за ИПА 2021, 2022 и 2023 во вкупен износ од 242.950.000 евра. Во тек е програмирањето на ИПА 2024 Годишната програма во износ од 80 милиони евра и секако ИПАРД 3 каде што се најавени алокација од 97 милиони евра за сите 7 години и алокации за прекугранична соработка.

Што се случува со неискористените средства, каква е процедурата? Од Делегацијата на ЕУ објаснуваат дека кога процесите за набавки се финализирани, а распределбата на тој договор/програма не е целосно искористена, средствата што остануваа се нарекуваат заштеди при набавка. Овие заштеди се користат за надополнување на постојните проекти со дополнителни финансии, доколку е потребно, а на самиот крај на нивното времетраење, неискористените средства автоматски се префрлаат во Генералниот буџет на ЕК. Во овој Буџет автоматски се префрлаат и средствата што биле наменети за проекти што не се реализирале во предвидениот рок.

Поддршка од Инвестициската рамка за Западен Балкан

Од 2009 година досега Инвестициската рамка за Западн Балкан (WBIF) поддржа 27 проекти за 2,6 милијарди евра проценети инвестиции во јавниот сектор во Северна Македонија.
Според податоците што ги добивме од Делегацијата на ЕУ во Скопје, земјава добила 43 грантови во вредност од 421,8 милиони евра во техничка помош и инвестициско кофинансирање. Преку WBIF добиен е и ИПА грант од 396,4 милиони евра кој покрива и техничка помош и инвестициски работи. Други донатори, пак, придонеле со 25,4 милиони евра.

Што е ИПА?

Претпристапните фондови се инвестиција во иднината и на регионот и на проширувањето на ЕУ. Претпристапниот инструмент (ИПА) ги поддржува корисниците да спроведат политички и економски реформи, подготвувајќи ги за правата и за обврските што доаѓаат со членството во ЕУ. Претпристапните фондови овозможуваат развој на стандарди, еднакви на оние што ги уживаат граѓаните на ЕУ, а истовремено ѝ помагаат на ЕУ да ги постигне сопствените цели, вклучително и одржлива економска ситуација, снабдување со енергија, транспорт, животна средина и климатски промени и стабилност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот