Светска банка го презентираше економскиот извештај за Западен Балкан. Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска

Македонија има најголем буџетски дефицит, најмал раст, висока инфлација: Светска банка го презентираше извештајот за Западен Балкан

Според прогнозите на Светска банка, годинава ќе имаме раст на бруто-домашниот производ од само 1,8 процент, просечната инфлација ќе биде 9,1 процент и таа повеќе е условена од внатрешните фактори, а тоа се: заостанатите ефекти од мерките на Владата, вишок на побарувачка и голема профитна маржа на компаниите

Стапката на сиромаштија се намалува, но со побавно темпо поради високата инфлација. Владата се обидува да го заштити стандардот на населението, но Македонија има најнизок економски раст и највисок буџетски дефицит во регионот, растот на бруто-домашниот производ значајно се потпира врз извозот, но најголемиот трговски партнер Германија има намалена побарувачка…

Ова се главните поенти од извештајот за Македонија на вчерашната презентација на есенскиот економски извештај за Западен Балкан од страна на Светската банка, кои имаат за резултат дека Банката ја намали прогнозата за економски раст на земјава за годинава од претходните 2,1 проценти, на само 1,8 проценти.

По нашите 1,8 проценти е Србија со 2 проценти, Босна и Херцеговина со 2,2, Косово со 3,2, Албанија со 3,6 и највисок раст се прогнозира за Црна Гора од 4,8 проценти.

 Секој децимал е важен за приближување кон ЕУ

Сања Маџаревиќ Шујстер, виш економист за земјите од Западен Балкан, вели дека секој децимал од стапката на растот на БДП е важен за приближувањето на земјата кон ЕУ.

– Македонија и Србија многу го потпираат растот на бруто-домашниот производ на извозот, за разлика од Црна Гора и Албанија, кои се потпираат на позитивните резултати во туризмот. Во 2024 година очекуваме позитивен придонес во економскиот раст од изградбата на автопатиштата во Северна Македонија и тоа ќе биде присутно и во наредните години, сè додека тоа влијание не почне да бледее по што треба да се темели на реформите. Во минатото гледаме дека економскиот раст во Македонија беше понизок отколку во регионот, а секој децимал влијае врз приближувањето кон ЕУ – рече Маџаревиќ Шујстер.

Таа потенцираше дека сега е видливо геополитичкото реконструирање. Тоа значајно ќе влијае врз нашата економија, особено ако се земе предвид дека странските инвеститори кај нас најмногу се од автомобилската индустрија.

– Германија го губи кинескиот пазар на автомобили. Порано беше главен снабдувач, сега не е. Затоа, може да се намали побарувачката од Македонија, а тоа може да направи лузна – вели Маџаревиќ Шујстер.

Но, таа посочи и дека Европа има нов план за приближување на земјите од Западен Балкан и дека стратешкото производство, како, на пример, производство на лекови, ќе го прави поблиско до себе, што создава нови можности за инвестиции во државава.

 Од април платите растат повеќе од инфлацијата

Прогнозите на Светска банка за инфлацијата во Македонија е дека таа во 2023 година во просек ќе изнесува 9,1 процент. Притоа, Јоана Маџоска, економист во Канцеларијата на Светска банка на Северна Македонија, потенцира дека се зголемува влијанието на домашните фактори за инфлацијата, а се намалуваат надворешните.

– Домашните фактори што ја зголемуваат инфлацијата се заостанатите ефекти од мерките на Владата, вишок на побарувачка и голема профитна маржа на компаниите – рече Маџоска.

Анализите на Светска банка покажуваат и дека во 2021 и во 2022 година поголем удел во инфлацијата имале профитните маржи, додека сега почнуваат тоа да бидат платите, затоа што од април реалниот раст на платите е повисок од растот на инфлацијата. Дополнително, како инфлаторен фактор се гледа на растот на платите за 10 проценти на јавната администрација, како и растот на минималната плата што ќе се случи наредната година. Сепак, растот на личната потрошувачка е забавен.

Што се однесува на заштитата на животниот стандард на населението, Светска банка оцени дека Владата прави напори, но предупреди дека финансиските ресурси не се неограничени.

– Многу земји ги замрзнаа цените и тоа се направи и овде, македонската влада имаше и други мерки како што е намалувањето на царините и последниот обид да се одделат луксузните производи од основните производи со повластена стапка. Фискалниот дефицит на земјава е најголем во регионот и тоа е втора година по ред. Властите сакаат да го одржат животниот стандард, затоа што досега не сме доживеале вакви цени, но финансиските ресурси не се неограничени – рече Маџаревиќ Шујстер.

Не сум видела некаде светлата да горат секаде

Зборувајќи за големиот буџетски дефицит што го има Македонија, Сања Маџаревиќ Шујстер, виш економист во Светска банка, посочи на недомаќинското однесување во нашата земја кон електричната енергија која сè уште има висока цена.

– Не сме виделе некаде светлата да горат секаде. Тоа има свој трошок. Цената на електричната енергија се зголеми, но исто и на гасот, и за нив сè уште имаме двоцифрена инфлација. Сè тоа си има цена, а цената е висока и тоа се гледа во фискалниот дефицит – вели Маџаревиќ Шујстер.

Таа исто така потенцираше дека е важно Македонија да инвестира во зелената енергетска транзиција.

– Ако и понатаму се продолжи со субвенционирање на струја од фосилни горива, место да се употребат парите за инвестирање во обновливи извори на енергија, тоа ќе има краткотраен ефект, но нема да има долгорочна одржливост – рече претставничката на Светска банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот