
Македонија и Косово потпишаа Меморандум: Заемно ќе се признаваат лиценци за трговија и снабдување со електрична енергија
Со Меморандумот што го склучија Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕ) и Канцеларија на енергетскиот регулатор од Република Косово се овозможува македонските трговци на електрична енергија да тргуваат и да ги снабдуваат корисниците на косовскиот пазар, а истата можност ќе ја имаат и косовските трговци снабдувачи кои имаат лиценца.
Препорачано
Првите луѓе на регулаторните тела, Марко Бислимоски и Имер Фејзулаху ставија потпис на Меморандумот со којшто меѓусебно се признаваат издадените лиценци за снабдување/трговија со електрична енергија.
Договорот ќе ја забрза енергетската транзиција и ќе биде мотив за нови инвестиции во обновливи извори, затоа што произведената електрична енергија во земјава ќе може да им се испорача веднаш на корисниците во Косово. И ова е всушност реципрочен механизам, исто така и електричната енергија произведена во Косово ќе може лиценцираните трговци да ја нудат на потрошувачите кај нас. Во енергетиката, нема мала и голема слика – туку има само стратешко поставување и реализација на целите кои ќе донесат сигурност, стабилност, намалена енергетска зависност и зголемено производство – изјави Бислимовски.
Фокусот кон транзицијата и инвестициите во ОИЕ, тој вели дека го преполовиле увозот на електрична енергија што до пред кризата изнесуваше 30, а сега е 15 отсто.
Претседателот на косовското регулаторно тело за енергетика, Фејзулаху изјави дека договорот во пракса значи намалување на административните бариери за лиценцираните снабдувачи/трговци со електрична енергија
Преку овој договор, ги отвораме вратите за нови можности за снабдувачите и трговците со енергија и во Косово и во Северна Македонија со намалување на административните бариери за трговците да влезат на овие два пазари – додава Фејзулаху.