Македонија – една од ретките земји кои на Украина ѝ донира опрема за одбрана на воздух и копно

Фото Колаж на СП - Дел од македонска донација во воена опрема на Украина.

Македонската воена помош за Украина се чини не прекинува. Нашата држава е една од ретките земји кои досега не престана да донира борбени системи и борбена опрема на фронтовите на руско-украинскиот конфликт. Најновата етапа на македонската воена помош на Киев е во форма на 12 хеликоптери од советско производство од моделот „Ми-24“ а во неколку наврати претходно, нашата земја ги испрати своите 4 борбени авиони Сухои „Су-25“ и непознат број тенкови од моделот Т-72.

Според информациите споделени од Министерството за одбрана проценетата вредноста на досега испратената воена помош за Украина, без 12-те хеликоптери, изнесува околу 30 милиони евра а одлуката за новата донација ќе се разгледува веќе утре на владина седница на предлог на министерката за одбрана Славјанка Петровска. Таа во интервју за домашните медиуми изјави дека анализата на Генералштабот за тоа дали земјава може да ги донира хеликоптерите „Ми-24“ е завршена и дека на следната владина седница ќе биде доставен предлог за донесување на одлука со која Македонија ќе и донира 12 хеликоптери на Украина. Петровска на неколку пати досега нагласи дека ваквата одлука нема да влијае на борбената готовност на Армијата.

Во меѓувреме, консултираните безбедносни експерти коментираат дека воената помош е добредојдена за Украина а тоа најмногу може да се разбере од македонска страна бидејќи и ние имамве свои немили случувања за време на конфликтот во 2001-та година кога нашите борбени сили се соочија со недостаток на борбена технологија и опрема. 

Пензионираниот полковник во АРМ и претседател на Балканскиот форум за безбедност Благоја Марковски за „Слободен печат“ вели сета опрема и вооружување кое беше досега донирано на Украина стануваше збор за техника која не беше во функционална состојба за армијата или оружје на кое му истекувало рокот за негова употреба. Според Марковски, сите членки на НАТО се ориентираат кон западното оружје и стандардите кои ги наложува Алијанста, па оттаму ослободувањето од советското оружје од нивните магацини е добродојдено.

Доктор на воено-политички науки Благоја Марковски

– Треба да се констатира дека овојпат се донираат борбени хеликоптери Ми-24 кои во рамките на развојот на армијата како членка на НАТО немаат своја функција и улога. Оттука е во право министерката дека борбената готовност нема да се наруши, бидејќи некои од тие хеликоптери за две или три години им истекува својот ресурс за летање и нема да бидат во летечка состојба. Тоа практично значи дека Македонија за две години ќе треба да ги приземји а за тој преиод треба да се најде преодно решение согласно документите и плановите за развој на армијата кои ќе создаде услои за одговор како за внатрешните потреби на одбатаната така и во контекст на НАТО сојузничките акции – појаснува Марковски.

Методи Хаџи Јанев- професор / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Тоа се дел од размислувањата и на универзитетскиот професор по безбедносни науки Методи Хаџи Јанев. Според Хаџи Јанев постојат политички, економски и оперативни причини поради која е донесена одлуката за донацијата на хеликоптерите.

– Како НАТО членка ние имаме страна во тој конфликт и оваа одлука е во склад со заложбите на НАТО но и со најновата изјава на Генералниот секретар на НАТО Стотелберг дека НАТО ќе прдолжи да и помага на Украина се додека за тоа има потреба. Второ-економски, екстремно е тешко да го одржувате ресурсот кој е истрошен. Не заборавајте дека имавме несреќа за која покрај останатото, имаше индиции (не тврдам дека е така) поради несоодветно одржување или истрошени ресурси и која нé чинеше човечки животи и тоа баш на борбена задача – посочува Хаџи Јанев.

Професорот објаснува дека за земјава дополнителен проблем за овие летала беше и нивното сервисирање и одржување, бидејќи Русија земја од каде потекнуваат хеликоптерите ги одзеде лиценците на сите компании во поранешниот источен блок каде можеше да се врши нивно сервисирање.

– Како НАТО членка оперативната оправданост на овие хеликоптери е обврска која е двострана улица за Македонија. Имено земјава во принцип е генерален добитник, во однос на тоа што го даваме и однос на тоа што што добиваме. Зошто е тоа така, бидејќи согласно целите на способности, а врз основа на што меѓудругото е направен и долгорочниот план за развој на армијата се земени неколку фактори, тука говорам за економскиот и човечки, заканите, потенцијалното содејство со НАТО земјите членки во делокругот на НАТО паметна одбрана, интероперабоилноста и сл. Во тој контекст сакам да појаснам дека државата планира како ќе се гради одбраната во иднина. Затоа вистинското прашање во овој момент е колку бргу ќе бидеме спремни да го изградиме тој капацитет односно набавиме нови хеликоптери се со цел да се надополнат останатите одбранбени капацитети за да добиеме мулипликација на напорите.  Токму затоа овде треба да се нагласи дека овој капацитет што сега го губиме со донацијата на ова оружје мора да биде заменет или пополнет соодветно – заклучува Хаџи Јанев.

Во меѓувереме во однос на финансиските импликации, министерката Петровска истакна дека проценката на вредноста на донациите, без можната донација на хеликоптери, изнесува околу 30 милиони евра, но дека за само помалку од една година Македонија беше поддржана од САД со 139 милиони долари, наменети за набавка на нова, најсофистицирана опрема. За плановите за снабдување на нови хеликоптери, министерката исто така информираше дека во завршна фаза е деталната евалуација на петте пристигнати понуди за набавка на западни повеќенаменски хеликоптери и анализата за тоа дали тие се во согласност со нашите барања и потреби. Таа појасни дека станува збор за повеќегодишна набавка на осум повеќенаменски хеликоптери.

Дејство на хрликоптерот Ми-24 со главниот повеќе цевен митралез Јак-Б 12.7мм / ФОТО, Форум, одбрана

Од друга страна пак Русија смета дека е голема грешка одлуката на властите на Македонија да ѝ донираат на Украина тенкови „Т-72“, како што изјави портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова. На изјавата на Захарова деновиве реагираа македонското МНР и Министерството за одбрана, истакнувајќи дека Македонија е суверена држава и може самата да одлучува што ќе прави.

ФОТОГАЛЕРИЈА | Три години од македонското членство во НАТО

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот