Магнезиумот може да ве спаси во овие ситуации

Фото: Профимедиа

Магнезиумот е важен минерал кој е вклучен во многу аспекти на нашето здравје. Магнезиумот учествува во повеќе од неколку стотици биохемиски реакции и придонесува за нормална рамнотежа на електролитите во телото, нормална функција на мускулите и нервите и учествува во многу функции кои ги извршува нервниот систем. Исто така, потребен е и за процесите кои создаваат ДНК, протеини и коски.

Недостатокот на магнезиум дава различни симптоми кои можат да бидат повеќе или помалку изразени, но со текот на времето недостатокот на магнезиум во организмот може да го зголеми ризикот за следните болести и состојби: анксиозност, остеопороза, дијабетес, кардиоваскуларни заболувања, висок крвен притисок. Потоа, како резултат на ниско ниво на магнезиум, може да се појават грчеви во нозете, главоболка, несоница, мигрена, стрес, грчеви во стомакот, изразени симптоми на ПМС.

Препорачаната дневна доза на магнезиум е 375 мг магнезиум дневно за возрасни. Иако можете да добиете магнезиум по природен пат, со консумирање, на пример, јаткасти плодови, грав, риба, зелен лиснат зеленчук и цели зрна, многу луѓе имаат хроничен недостаток на магнезиум, кога се препорачуваат додатоци на магнезиум.

Го намалува ризикот од дијабетес тип 2

Ако сте во ризичната група, ова е можеби најважниот ефект на магнезиум за вас. Истражувањето откри дека луѓето што редовно земаат магнезиум, имаат дури 17 отсто помали шанси да ја добијат оваа болест. Друга студија покажала дека луѓето што имале дијабетес тип 2 и земале додатоци во исхраната во облик на магнезиум 3 месеци, многу полесно го контролирале нивото на шеќер во крвта.

За силни коски

Многу хранливи материи се клучни за здрави детски коски, а една од нив е магнезиумот. Калциумот е важен, но не и поважен од магнезиумот, освен кај децата и младите што консумираат малку калциум, велат педијатрите.

Го намалува крвниот притисок

По прегледот на 34 студии во кои учествувале 2.000 лица со зголемен крвен притисок, научниците откриле дека консумирањето овој минерал влијаело врз намалувањето на крвниот притисок кај сите испитаници. Но, ако немате висок крвен притисок до денес, истражувањата велат дека магнезиумот не треба да се користи како превентивна мерка, бидејќи не дејствува.

Помага кај мигрената

Од многуте можни причини, многу студии покажале дека луѓето со чести мигрени имаат пониски серумски концентрации на магнезиум. Истражувањата покажале дека кај луѓето што интравенозно примале магнезиум, се намалила зачестеноста на главоболките и нивните симптоми.

Помага во работата на цревата

Магнезиумот е многу добар чистач на цревата. Како што го вариме, тој привлекува течност во цревата, што значи дека стомачните мускули се опуштаат, а цревата можат полесно да се испразнат. Може да се земе локално како многу ефикасен лаксатив, а е далеку помалку штетен од сѐ што може да се добие со рецепт.

Го смирува чувството на стрес и го подобрува општото расположение

Може да помогне при вознемиреност, депресија, чувство на несигурност, раздразливост и немир и тоа го покажале многу студии, а според некои податоци може да влијае и врз емоциите што ги придружуваат ПМС.

Магнезиумот и тренирањето

Магнезиумот ја потпомага природната регенерација на мускулите по тренинг или активност со голем физички напор, ги намалува грчевите во мускулите и осигурува во клетките да се наоѓа доволно кислород за да го спречи процесот на производство на млечна киселина. Освен за работењето на мускулите, магнезиумот придонесува и за нормално функционирање на нервниот и на мускулниот систем, придонесува за намалување на заморот и исцрпеност како и за нормалниот метаболизам на создавањето енергија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот