Владимир Путин и Александар Лукашенко, Русија Белорусија - Извор Х

Лукашенко: Путин има многу добра мировна понуда за Украина

Лидерот на Белорусија, Александар Лукашенко, предупреди дека доколку Киев не го прифати предлогот на рускиот лидер Владимир Путин, последиците ќе бидат уште полоши од почетокот на „специјалната воена операција“. Лукашенко изјави дека предлогот бил слушнат и од Доналд Трамп во Алјаска.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави во петокот, по средбата со Владимир Путин, дека рускиот лидер ќе објави „многу добар предлог“ за завршување на војната во Украина, кој, според него, бил широко поддржан од САД, објави „Ројтерс“.

Лукашенко, кој разговарал со Путин во Москва повеќе од пет часа, не кажа што точно содржи предлогот, но додаде дека тој бил претставен и на американскиот претседател Доналд Трамп кога се сретнал со Путин на самитот во Алјаска минатиот месец.

– Претседателот Путин и јас разговаравме за тоа, но нема да зборувам јас. Претседателот самиот ќе каже – изјави Лукашенко, близок сојузник на Путин.

„Тоа е добар предлог за Украина, многу добар предлог“

Лукашенко рече дека станува збор за добар предлог за Киев.

– Тоа е добар предлог за Украина, предлози кои ги слушна Доналд Трамп во Алјаска, меѓу другото, и кои беа однесени во Вашингтон на разгледување и дискусија. Многу добар предлог. Ако Украинците не ги прифатат овие предлози, ќе биде како на почетокот на специјалната воена операција. Ќе биде уште полошо, тие ќе ја изгубат Украина – додаде тој, користејќи го терминот на Москва за инвазијата врз Украина.

Русија претходно инсистираше на услови кои Украина ги отфрли како еднакви на капитулација, вклучувајќи отстапување на дополнителни територии, откажување од амбициите за членство во НАТО и ограничување на бројот на вооружените сили.

Лукашенко говореше три дена откако Трамп, со неочекуван пресврт, изјави дека Украина е способна да си ја врати целата изгубена територија – што е речиси една петтина од земјата – и дека треба да дејствува сега бидејќи руската економија е во длабоки проблеми.

Зеленски: Ќе ги вратиме изгубените територии преку дипломатија, а не со сила

Кремљ ги отфрли тие коментари, припишувајќи ги на фактот што Трамп штотуку се сретнал со украинскиот претседател Володимир Зеленски и бил под влијание на неговиот поглед за конфликтот. Зеленски изјави дека Путин само се преправа дека преговара, но дека нема вистински интерес за мир.

– За да не ја изгуби цела Украина, (Зеленски) мора не само да преговара, туку и да се согласи на поволни услови, услови кои, во најголем дел, се одобрени од Американците – рече Лукашенко.

Белорускиот лидер, исто така, предложи, тој самиот, Путин и Зеленски, како лидери на три словенски држави, да седнат и да постигнат договор.

Зеленски: Унгарски дронови изгледа влегле во Украина

Украина вели дека сака средба меѓу Зеленски и Путин, но Русија изјави дека тоа може да се случи само ако украинскиот лидер се согласи да дојде во Москва.

Лукашенко изолиран, но Трамп му се јавил

Лукашенко се среќава со Путин почесто одошто со кој било друг странски лидер и ја поддржува неговата војна во Украина, иако не испрати свои војници да се борат.

Тој со години е изолиран од западните санкции поради својата улога во војната и поради кршењето на човековите права. Но, Трамп во последните недели му се јавил по телефон, го пофалил како „високо почитуван“ лидер и испратил пратеник во Белорусија на разговори, по кои беа ослободени повеќе од 50 политички затвореници.

Американски претставници велат дека администрацијата на Трамп се надева да ја извлече Белорусија од геополитичката орбита на Москва, макар и делумно. Но, некои политички аналитичари сметаат дека тоа е малку веројатно, имајќи ја предвид големата политичка, економска и воена зависност на Лукашенко од многу поголемиот сосед.

За да се потврди блискоста на односите, Белорусија и Русија овој месец одржаа заеднички воени вежби.

Во петокот Лукашенко предложи изградба на нуклеарна електрана во источна Белорусија која би можела да обезбеди електрична енергија за руските контролирани делови на Украина.

ВИДЕО | Зеленски до Русите: Запрете ја војната или најдете засолништа, имам поддршка од Трамп за удари во Русија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот