Линданот од Охис ќе биде третиран во странство

фото: Слободен печат/Драган Митрески

Грчката компанија „Полиеко“ ќе го чисти линданот од малата депонија во кругот на некогашната фабрика за хемиски производи ОХИС од Скопје, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Историскиот отпад на штетниот пестицид по здравјето на луѓето, ќе биде третиран надвор од земјава.

Речиси две години откако државата најави дека со помош на агенцијата на Обединетите Нации УНИДО ќе се справува со линданот, депониран во кругот на ОХИС, склучен е договор со избраниот најдобриот понудувач. Според МЖСПП почнати се нужните административни постапки за почеток на работите и на терен. Засега од Министерството не објавуваат колку ќе чини чистењето на малата депонија.

Се смета дека малата депонија ќе биде исчистена за две до три години, но не се знае до кога би се чистела големата депонија, исто така сместена во дворот на ОХИС. Двете заедно, според процените, базирани, меѓу другото, и на кажувањата на некогашни вработени во ОХИС, содржат некаде помеѓу 50 и 70 илјади тони опасен отровен материјал и контаминирана почва.

Иако засега не е официјално потврдено, голема е веројатноста дека освен овие две, постојат и други локации на кои е закопан линданот, од кои едната е сместена на излетничкото место Пеленица кај скопската населба Драчево. Се проценува дека чистењето на линданот ќе чини од 40 па до 260 милиони евра, во зависност од тоа дали линданот ќе се вади и третира на самото место или ќе се носи во странство.

Македонскиот хемиски гигант ОХИС престанал да го произведува линданот во 1977 година, по што сите заостанати количества на опасниот пестицид, како и хемиските компоненти кои се користеле во неговото производство биле спакувани во буриња и грубо затрупани со земја на неколку локации во кругот на фабриката и надвор од него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот