Лицата со попреченост на дното во политичкиот живот: Се носат одлуки за нас без да се побара наше мислење

Фото: Слободен печат

Се носат погрешни одлуки и разни законски решенија за нас, а ние за нив воопшто не сме консултирани. Тоа е ставот на лицата со попреченост кои денес учествуваа на трибината „Политичко учество на лицата со попреченост“. Решените го гледаат во нивно поголемо учество во политичиот живот во земјата, внатре во самите партии, но и во институциите на системот.

Тетовецот Махмут Изаири лице со попреченост вработен во Општина Тетово, вели дека до неодамна и објектот на локалната самопурава имал несоодветна рампа за инвалидизирани лица зошто истата како што посочи ја направиле без да ги консултираат лицата со посебни потреби и нивните здруженија кои ги застапуваат.

„Време беше да се организира една ваква трибина, која треба да придонесе во политичките партии да се вклучат што повеќе лица со посебни потреби кои потоа ќе влезат во институциите на системот каде ќе носат одлуки, без разлика дали ќе бидат советници или пратеници. Ние ќе се бориме до крај. Жално е што нема многу наша застапеност во институциите на раководни позиции. Има само две лица со посебни потреби на ниво на држава кои се претседатели на советите на општините. Треба да се создадат првин услови инфраструктурни, за да лицата со посебни потреби влезат во самите институции, ние сме дискриминирани во тој поглед. Во политичкиот живот на гледаат само како бројка, треба да имаме наши претставници како што се застапени жените, така и ние треба да бидеме застапени во институциите на системот. Ние знаеме што ни е потребно, а се донесуваат закони за нас без наше прашање, се носат закони кои на нас не ни одговараат. Носат на своја глава, а нас не не прашуваат“, вели Махмут Изаири лице со попреченост и долгогодишен активист за правата на оваа категорија граѓани.

На лицата со попреченост ускратено им е правото на глас, а да не зборуваме на право да носат политички одлуки, вели Благица Димитровска претседател на Здружението „Инклузива“ организатор на денешниот настан. Оттаму посочија дека ќе бараат квоти за учество во политичкиот живот на лицата со попреченост, како во случајот со квотите на застапеност за националностите и жените.

„Најголемиот проблем кој го увидовме при нашите истражувања е тоа што 76% од гласачките места се непристапни, а тоа се училишта. Знаеме дека се гласа во училишта и сега се запрашуваме како ќе се образуваат децата со попреченост ако училиштата не се пристапни. Лицата со попреченост не се вклучени во телата на политичките партии и ги нема на изборните листи. За парламентарните избори имаше по едно лице од една политичка партија на вакви листи, но тие беа на дното на листата и се знае однапред дека тоа нема да влезе во парламентот. За наша среќа на локалните избори се избраа двајца претседатели на совети на општините“, вели Благица Димитровска претседател на Здружение Инклузива.

Фото: Слободен печат
Фото: Слободен печат

Васка Бајрамовска заменик Народен правобранител вели дека како држава сме обврзани да им ги овозможиме сите права на лицата со попреченост. Има одредени придвижувања во рамки на локалната самоуправа, но тоа не е доволно, потребно е оваа категорија граѓани да бидат носители и на политички функции.

„Еден од основните принципи за кој што сме обврзани како држава тоа е да создадеме услови за правата на лицата со попреченост за еднаквост и без дискриминација. Настанот го отвора прашањето за политичкото искуство на лицата со посебни потреби, кое не треба да заврши на правото на глас. Впрочем и Комитетот на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост има забелешка во која се вели дека лицата со попреченост немаат можност да учествуваат во политичкиот живот, имајќи го во предвид непристапноста пред се физичка, ограниченоста за материјалите за гласање и слично. Тоа укажува дека треба уште многу да се работи, треба да се направат пристапни објекти за гласање, пристапни материјали.Од потпишувањето на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост досега според направениот мониторинг на спроведување на конвенцијата почнувајќи од правото на образование до право на учество во спортскиот живот, можеме да кажеме дека имаме мали придвижувања, но тоа не доволно“, вели Васка Бајрамовска заменик Народен правобранител.

Во Тетово каде се одржа трибината на тема „Политичко учество на лицата со попреченост“ оваа категорија граѓани се соочуваа со безброј препреки. Непристапни тротоари, семафори без звучна сигнализација како и институции каде ретко има поставено пристапни рампи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот