Леукемија – шест најчести симптоми на подмолната болест од која почина и Синиша Михајловиќ

Фото: EPA-EFE/PAOLO MAGNI

Синиша Михајловиќ почина од леукемија на 54-годишна возраст. Поранешниот српски фудбалер и фудбалски тренер почина од последици од леукемија, болест со која се бореше со години.

– Татко ми почина од рак, па поради тоа редовно се тестирав. Да не го направев тоа сега, немаше да се видат никакви симптоми една година. Никој од нас не смее да мисли дека е неуништлив. Сите мислат дека тоа нема да им се случи, но кога ќе им се случи, тоа е ужасен удар – рекол Синиша во 2019 година на прес-конференција.

Леукемијата е малигно заболување на органите кои формираат крв. Болеста се манифестира во промените, најчесто во белите крвни зрнца (зголемен број на незрели леукоцити во крвта), кои имаат намалена способност за одбрана на организмот од болести.

За жал, леукемијата е тешко да се препознае навреме и поради тоа што нејзините симптоми се слични на оние на многу други болести и нарушувања. Исклучително е важно да ги препознаете евентуалните заканувачки знаци за да можете што поскоро да одите на лекар и да направите крвна слика која ќе покаже дали имате причина за загриженост или не.

Ова се шесте најчести симптоми кои заболените од леукемија ги забележале пред да ја добијат дијагнозата:

– Необјаснет замор (симптом кој секој на почетокот ќе го игнорира)
– Краток здив
– Ноќно потење и треска
– Лесно крвавење и модринки
– Болка во зглобовите и коските
– Чести инфекции

Други симптоми кои може да укажуваат на леукемија, а се поретки:

– Отечени лимфни јазли (обично во вратот, пазувите или препоните)
– Болки во желудникот
– Гадење и повраќање
– Чувство на непријатност во подрачјето под левите долни ребра (предизвикана од отечената слезина)
– Вкочанетост во рацете или нозете
– Палпитации на срцето
– Губење на концентрацијата
– Проблеми со спиењето
– Главоболки
– Болка во мускулите
– Болка во грбот
– Чешање на кожата
– Губење на телесна тежина

Класификација на леукемија

Постојат неколку класификации на оваа малигна болест, но најпознатата се базира на брзината на напредувањето.

Акутна леукемија – абнормални крвни клетки се незрели крвни клетки (бласти). Тие не можат да ги извршуваат своите нормални функции, а брзо се размножуваат, па болеста брзо се влошува. Акутната леукемија бара агресивен, навремен третман.

Хронична леукемија – постојат многу видови на хронична леукемија. Некои произведуваат премногу клетки, а некои предизвикуваат производство на премал број на клетки. Хроничната леукемија вклучува повеќе зрели крвни клетки. Овие крвни зрнца се реплицираат или се таложат побавно и можат да функционираат нормално извесно време. Некои форми на хронична леукемија на почетокот не предизвикуваат рани симптоми и може да останат незабележани или недијагностицирани со години.

Која е причината?

Научниците сè уште не ја знаат точната причина за леукемија, но се чини дека се развива преку комбинација на генетски и фактори од животната средина.

Општо земено, се смета дека до леукемија доаѓа кога некои крвни зрнца ќе доживеат промена (мутации) во нивниот генетски материјал или ДНК, пишува клиниката Мејо. Нормално, ДНК содржи упатства кои на клетката „ѝ кажуваат“ да расте со одредена брзина и да умре во одредено време. Кај леукемијата, мутациите им кажуваат на крвните клетки да продолжат да растат и да се делат. Кога тоа ќе се случи, производството на крвни зрнца излегува од контрола. Со текот на времето, овие абнормални клетки можат да ги истиснат здравите крвни клетки во коскената срцевина, што доведува до помал број на здрави бели крвни зрнца, црвени крвни зрнца и тромбоцити, предизвикувајќи симптоми на леукемија.

Фактори на ризик

Овие фактори можат да го зголемат ризикот од развој на некои видови леукемија:
1. Претходно лекување на рак – луѓето кои биле подложени на одредени видови на хемотерапија и терапија со зрачење за други видови на рак имаат зголемен ризик од развој на одредени видови леукемија.
2. Генетски нарушувања – се чини дека генетските абнормалности играат улога во развојот на леукемија. Одредени генетски нарушувања се поврзани со зголемен ризик.
3. Изложеноста на одредени хемикалии како што е бензенот, кој се наоѓа во бензинот и се користи во хемиската индустрија, е поврзан со зголемен ризик.
4. Пушењето го зголемува ризикот.
5. Семејна историја на леукемија – ако на некој од вашето семејство му била дијагностицирана леукемија, ризикот од болеста може да се зголеми.

Лекување на леукемија

Лекар ги одредува опциите за лекување на леукемија врз основа на возраста, здравствената состојба, типот на леукемија и дали таа се проширила на други делови од телото, вклучувајќи го и централниот нервен систем.

Вообичаените третмани што се користат во борбата против леукемијата вклучуваат:

– Хемотерапија
– Целна терапија
– Терапија со зрачење
– Трансплантација на коскена срцевина
– Имунотерапија
– Инженеринг на имунолошките клетки
– Клиничките испитувања се експерименти за тестирање на нови третмани за рак и нови начини на користење на постоечки третмани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот