Лента на ракавот на секој немакедонец

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

По 17 години чекање, нашата земја конечно ќе зачекори на европскиот пат. Но за нив, тоа е „преседан“ затоа што и немакедонци гласале за предлогот, та дури и биле побројни! А тој „преседан“ и „вовед во долготрајна криза“ го поддржала токму Европската Унија! Катастрофа!

На кој начин гласањето на македонските пратеници во македонското Собрание може да предизвика нееднаквост и загрозување на уставните темели на државата? Каде во Уставот имаме одредба кој за што смее да гласа, според етничката припадност? Јас навистина не гледам каде тоа во Уставот етничката припадност е „предуслов“ за тоа колку некој смее или не смее да биде засегнат со прашањата на државата.

Но радикалите излегоа со „математички“ анализи за етничката структура на тие што гласаа за европскиот предлог во парламентот на 16 јули. Тие се во паника, бидејќи ова е голема победа на македонската држава.
По 17 години чекање, нашата земја конечно ќе зачекори на европскиот пат. Но за нив, тоа е „преседан“ затоа што и немакедонци гласале за предлогот, та дури и биле побројни! А тој „преседан“ и „вовед во долготрајна криза“ го поддржала токму Европската Унија! Катастрофа!

За овие големи „математичари“ не е важно што дури 68 пратеници гласале „за“, а нула против, туку што се тие по етничка припадност. Што е следно? Лента на ракавот на секој немакедонец?

Дали, по логиката на рашистите, немакедонците во македонската фудбалска репрезентација треба да даваат помалку голови отколку чистите Македонци во тимот? Ако случајно немакедонците дадат повеќе голови, меѓународниот судија треба да биде повикан да ги поништи „вишокот“ голови. Така?

Или, ако повеќе немакедонци добијат меѓународни признанија и награди за достигнувања во спортот, науката или уметноста, да ги вратат или да им ги препуштат на чистите Македонци. Според таа етнологика, треба да добиеме одговор и на неколку други прашања.

Колку воздух смеат да земат немакедонците во споредба со Македонците? Секако не со полни гради, така? Колку леб, а колку сирење смеат да изедат денеска немакедонците? Колку пиво да испијат?

Според која формула ќе се пресметува правото на немакедонците да се чувствуваат како граѓани на Северна Македонија? Поточно, во која мерка државјанството е македонско за немакедонците?

А што бараат Еди Рама и Александар Вучиќ да се солидаризираат со Македонците? Со кое право Вучиќ ги убедува Македонците дека е добро да ги почнеме преговорите? Та тој не е Македонец!

И конечно, да се вратиме на „преседанот“. За кои прашања смеат немакедонците да гласаат во Парламентот, а за кои не смеат? Каде е тоа регулирано во Уставот? Веројатно, според „загрижените“, покрај државјанството, треба да се воведе и друг вид верификација – етничка – за да се одреди степенот на правото според кое можат немакедонците да се занимаваат со прашања на државата.

Соодветно на ова „финално решение“, Уставот веројатно треба да пропишува и колку долго смеат да живеат неmакедонците и што смеат да работат во земјата. Веројатно, тогаш „загрижените“ НВО-експерти и фашо-политичарчиња ќе бидат поспокојни. Или и тоа не е доволно?

Можеби треба да се одреди и големината на гробовите, соодветно на етничката припадност. Или, најдобро – гасни комори! Како што гордо извикуваа на улиците цела недела од јули и во многу, многу прилики во изминатите децении.

ОК, шегата на страна, каде да се обратиме за да добиеме лента?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот