Фото: Профимедиа

Лекарите откриваат: Еве зошто секогаш треба да се тушираме навечер, а не наутро

Ако сте навикнати да го започнувате утрото со туширање, можеби е време да размислите за промена на вашата рутина. Според мислењето на лекарите, туширањето наутро, иако може да ви ги разбуди сетилата, можеби не е најдобриот избор за вашата кожа, сон и здравје.

Д-р Џузепе Арагона тврди дека во текот на денот на телото и косата се наталожуваат алергените во воздухот, нечистотијата, потта и разни иритации, особено во пролетните и летните месеци, кога има поголема концентрација на полен во воздухот и кога повеќе се потиме. Ако не се истушираме навечер, целата таа нечистотија се пренесува во постелнината.

„Ова не само што придонесува за валкани чаршави и можни ноќни алергии, туку може да предизвика и иритација на кожата, чешање, сувост, па дури и акни поради маснотијата и нечистотијата што остануваат на навлаката за перницата и чаршафите“, изјави д-р Арагона за британски „Гламур.УК“.

Со него се согласува и д-р Џејсон Синг, кој на социјалната мрежа ТикТок објасни како вечерното туширање може да го подобри квалитетот на сонот, да ја исчисти кожата од загадувањето и да помогне во нејзината хидратација. Имено, топлиот туш го поттикнува лачењето на мелатонин, хормон кој му сигнализира на телото дека е време за спиење.

„Во текот на вечерта, телото природно почнува да се лади, што е дел од подготовката за спиење. Топлиот туш и последователното сушење со пешкир го имитираат овој процес и го олеснуваат заспивањето“, објаснува д-р Синг.

Неговите тврдења се поткрепени и со мета-анализата од 2019 година, која опфатила 17 студии. Студијата покажала дека вечерното туширање со топла вода (помеѓу 40 и 42,5 степени Целзиусови) значително го подобрува квалитетот на сонот. Вечерниот туш е особено корисен за луѓето со чувствителна или сува кожа, акни или егзема. Тогаш, вели д-р Синг, кожата е повеќе склона кон регенерација и подобро ја задржува влагата, што значи дека со туширање во овој период од денот, можете да го стимулирате природното закрепнување на кожата.

Секако, утринскиот туш не е бескорисен, особено ако сакате да се освежите по потењето или да ја подобрите утринската хигиена. Меѓутоа, кога станува збор за нега на кожата и квалитетот на сонот, вечерниот туш сепак има предност.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот