Кумановци полудуваат од екстремна бучава, пролетва измерени 95,8 децибели

општина куманово
Куманово / Фото: Општина Куманово

Кумановци живеат во град со високо ниво на бучава, која не стивнува ни дење ни ноќе, покажуваат податоците од Извештајот за квалитетот на животната средина за 2022 година што неодамна го објави ресорното министерство. Мерењата на бучавата во Куманово покажуваат дека нивото е над дозволената гранична вредност на сите мерни места и за сите три основни индикатори –  дневната (Лд), вечерната (Лв) и ноќната (Лн) бучава.

Куманово е рекордер и за екстремна бучава, односно највисокото ниво е измерено во пролетниот периоди изнесува 95,80 децибели, што е за 35,80 децибели над граничната вредност за максимална бучава. Максимално дозволеното ниво изнесува 60 децибели. Дневната граница во подрачје од прв степен е 40 децибели, а ноќната 50.

Не стојат подобро ниту останатите три града каде се мери бучавата – Скопје, Битола и Кичево, каде има голем број на мерења со надминувања на граничните вредности. Највисокото измерено максимално ниво на бучава во пролетниот период во Кичево изнесува 75 децибели, во Скопје 71 децибел, а во Битола 67,5 децибели.

Локации каде што се мери бучавата во Куманово Извор: Извештај на МЖСПП

Во Скопје бучавата се мери на 14 локаци. Карактеристично е тоа што е најбучно онаму кадешто треба да е најтивко – кај Клиничкот центар, каде ноќната бучава ја надминува граничната вредност во просек за дури 16 децибели.

– Од измерените нивоа на бучава, споредено со препорачаната цел на Светската здравствена организација, која предвидува интензитетот на целодневната бучава да не ја надминува вредноста од 53 децибели и интензитетот на бучава преку ноќ да не ја надминува вредноста од 45 децибели, може да се заклучи дека процентот на мерења каде има надминување на препорачаното ниво на бучава преовладува во однос целите на СЗО, што укажува на многу високи измерени нивоа на бучава – се заклучува во Извештајот.

Гранични вредности за бучава

Во Македонија бучавата не се следи системски и онака како што е предвидено со законот, со изработка на стратешки карти и акциски планови. Податоците постојат затоа што центрите за јавно здравје во Скопје, Битола, Кичево и Куманово вршат мерења и потоа прават проценка на штетното влијание на комуналната бучава врз експонираното население.

– Голем број на негативни влијанија врз здравјето, како директни и индиректни, се поврзани со изложеноста на постојани или високи нивоа на бучава.  Влијанието на бучавата ноќно време може значително да се разликува од влијанието на бучавата преку ден. Согласно извештајот „Упатство за бучава во текот на ноќта во Европа“ на СЗО, негативни здравствени ефекти кај населението се појавуваат кога се изложени на нивоа на бучава во текот на ноќта над 40 децибели – се вели во Извештајот.

Врз основа на студии направени од страна на Институтот за јавно здравје, се додава, најчесто како последица на зголемено ниво на бучава се јавува нарушување на спиењето, вознемиреност кај населението, оштетување на слухот, кардиоваскуларни проблеми и влијание на психофизичката состојба.

– Најголем број на населението има чувство на непријатност што вклучува вознемиреност и нарушување на сонот. Помал број на население изложено на зголемено ниво на бучава има реакции на стрес. Како реакција на ова може да се очекуваат различни ризик фактори за здравјето на населението како што се зголемен крвен притисок, холестерол и друго. Кај релативно мал дел на населението, овие промени може да предизвикаат други клинички симптоми како несоница и кардиоваскуларни болести кои потоа, како последица, може да доведат до зголемување на стапките на предвремена смртност – се вели во Годишниот извештај за 2022 година.

Пирамида на штетните последици од бучавата

Главни причинители на бучава, според документот, се превозните средства во патниот, железничкиот и воздушниот сообраќај и индустриските инсталации. Особено значајна и специфична за Македонија е бучавата од градежните активности, соседството и бучавата предизвикана од друга самостојна звучна опрема, како што е бучавата од верските објекти.

– Еден од основните приоритети на Министерството за животна средина е создавање здрави услови за живот на луѓето и заштита на животната средина од бучава, преку превземање на мерки и активности за избегнување, спречување или намалување на бучавата. Согласно Законот за заштита од бучава, една од основните мерки е изработување на стратешки карти. Во Северна Македонија се уште не се изработени стратешки карти за бучава за агломерации, главни патишта, аеродроми и населени места и подрачја од посебен интерес, заради тоа засега нема можност да се прикаже проценетиот број на станови, училишта, болници и жители изложени на различни нивоа на бучава – се вели во извештајот.

Се додава дека во Министерството почнала имплементација на проект поддржан од ИПА програмата за развој на мониторинг на животната средина во кој е вклучена и бучавата.

Во врска со бучавата од индустријата во Извештајот е наведено дека Македонскиот информативен центар за животна средина лани побарал податоци за ажурирање на катастарот за бучава од 120 инсталации кои имаат или поднеле барање за А-интегрирана еколошка дозвола и од 125 инсталации со Б-еколошка дозвола, но само 29 А-инсталации и 22 Б инсталации доставиле податоци за измерено ниво на бучава, а дел од инсталациите се затворени или не работеле во 2022 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот