Криминалните групи од Грчец, Арачиново и Чаир се речиси целосно разбиени, тврди Спасовски
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервјуто за „Гласот на Америка”, на темата за преземените активности на МВР во справување со трговијата со дрога, истакна дека спречувањето на трговијата со дрога, како и трговијата со оружје, кои се дел од сегментите во борбата против организираниот и транснационалниот криминал, се меѓу врвните приоритети на МВР.
-Во овие први девет месеци од 2023 година имаме некаде околу 576 кривични дела откриено за трговија со дрога. Пријавени се некаде околу 680 сторители и притоа бележиме зголемување на заплените на кокаин, на амфетамин и на екстази – рече Спасовски.
-Ова се резултатите кои што говорат за зголемување на откривачката функција во трговијата со дрога и покажуваат посветеност во работењето и тоа на највисоко ниво во сузбивањето и борбата против трговијата со дрога. Значителни постигнувања се остварени во спречување на организираните облици на трговија со дрога при што во овој период се пресечени три меѓународни транспорти на марихуана и се сузбиени 5 криминални групи кои дејствувале меѓународно и национално во делот на недозволената трговија со марихуана и кокаин, во кои членувале 28 македонски државјани и притоа се запленети околу 71 кг марихуана и 1,5 кг кокаин, а во рамки на две организирани криминални групи на територија на Албанија и на територија на Грција се запленети 429 кг кокаин – посочи Спасовски.