Крај на една ера: Нетфликс ги испраќа последните дискови за корисниците

Нетфликс / Фото EPA/JOHN G. MABANGLO

Ретко кој од стотиците милиони корисници на стриминг услугите на Нетфликс ширум светот знаат дека компанијата првпат започнала пред 25 години како услуга за испраќање дигитални видеодискови (ДВД). Уште помалку би знаеле дека таквата работа продолжила, со речиси милион луѓе кои сè уште се претплатени на таа услуга, пренесува Гардијан.

Но, компанијата конечно реши да го притисне копчето за стоп, а нејзините пет преостанати дистрибутивни центри во САД денес ги испраќаат своите последни дискови до американските клиенти.

„Многу е слатко“, изјави Марк Рендолф, ко-основачот на Нетфликс и главен извршен директор кога компанијата го испорачала своето прво ДВД, за Асошиетед прес. „Знаевме дека овој ден ќе дојде, но чудесно е што тој не дојде пред 15 години“.

Нетфликс не го открива бројот на претплатници на ДВД во своите бројки, но според проценката на АП сега помалку од 1 милион луѓе се претплатени на услугата.

Рендолф дошол до идеја за услугата „ДВД-по-пошта“ во 1997 година – како предизвик за тогашниот лидер на пазарот за изнајмување Блокбастер – со неговиот пријател и колега претприемач, Рид Хестингс, кој на крајот го наследил Рандолф како извршен директор. Тој дури оваа година се повлекол од таа улога.

Првиот диск испратен од Нетфликс бил „Битлџус“ на Тим Бартон во март 1998 година и оттогаш компанијата испорачала 5,2 милијарди такви копии. Неговиот најпопуларен наслов бил „Блајнд сајд“ со Сандра Булок.

Сепак, Рендолф знаел дека ваквите дискови нема да бидат главни во бизнисот и дека ќе бидат надминати со гледањето филмови и ТВ емисии преку интернет конекции.

Во 2011 година Нетфликс одлучил да го одвои бизнисот со ДВД од бизнисот со стриминг платформата, една година откако Блокбастер банкротирал – откако ја одбил можноста во 2000 година да го купи Нетфликс за 50 милиони долари. Стриминг гигантот сега вреди околу 166 милијарди долари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот