Крадењето да стане неисплатливо, државата предлага граѓанска конфискација на незаконски стекнат имот

Фото: Влада на РСМ

Државата ќе воведе конфискација на имот во граѓанска постапка, за што на енер.мк веќе е поставен нацрт-законот за да го коментираат сите засегнати страни, со што почнува процедурата за усвојување, а на предлог на Министерството за правда. Со граѓанска конфискација ќе се одзема имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори, а кој не е опфатен со конфискација во кривичната постапка, што може да биде обична, проширена или посебна. Суштината е во тоа што имотот ќе се одзема од лица за кои нема доволно докази за кривично гонење или нема осудителна пресуда после кривичниот прогон, како и во случаи кога постојат објективни околности поради кои не може се преземе кривично гонење, а сепак јавниот обвинител цени дека постои разумно сомневање дека имотот не бил стекнат од законски извори.

Во случаите кога обвинителот има такво разумно сомневање должен е веднаш да ја извести Управата за финансиска полиција и да ја достави целокупната обезбедена документација за испитување на изворите и начините на кои е стекнат имотот.

– Без закон за конфискација на имот во граѓанска постапка не може да имаме борба против корупција и криминал. Со законот првенствено се заштитува јавниот интерес на Република Северна Македонија на начин што ќе се оневозможи располагање со имот и имотна корист која не може да се докаже дека е стекната од законски извори. Со ова ќе станат неисплатливи сите противправни дејствија и ќе се овозможи ефективна борба против криминалот и корупцијата. Законот претставува додадена вредност и очекуваме дека ќе добиеме позитивни оцени од меѓународната заедница и дека со јавната расправа дополнително ќе се придонесе со конструктивни предлози во насока на подобрување на текстот на законот – велат од Министерството за правда за „Слободен печат“.

Според нацрт-законот, освен разумно сомневање за имот чие законско стекнување не може да се докаже, услов да се поведе постапката е нето-вредноста на целокупниот имот да надминува 50.000 евра во денарска противвредност. Министерот за финансии, пак, треба да донесе методологија за определување на нето-вредноста на имотот.

Надлежен орган за прибирање на податоците за таков имот е Управата за финансиска полиција, а тужбата пред суд и целата постапка за конфискација ќе ја води Државниот правобранител.

Антикорупциската комисија, УЈП, Катастарот, Царината и другите органи и институции кои ќе добијат информации и податоци со сомневања или сознанија за имот чие законско стекнување не може да се докаже се должни веднаш да ја известат Управата за финансиска полиција и да ја достават обезбедената документација. Освен овие државни органи, известување до Управата може да поднесе секое физичко лице и правно лице. Известувањето може да се достави и до Јавното обвинителство ако подносителот оцени дека доставувањето до Управата ќе ја оддолговлечи или загрози постапката.

Управата е должна по приемот на известувањето да спроведе итна проверка на исполнетоста на условите за постапка, а проверката и финансиската пресметка не смеат да траат повеќе од 60 дена.

– Постојната примена на мерката конфискација во кривичната и прекршочната постапка не ја опфаќа целосно ин рем конфискацијата и необјаснетото богатење. Еклакантни примери во судската пракса завршуваат со неуспешни конфискации на имот. Правосилни пресуди со докажани кривични дела завршуваат без одземање на нечесно стекнат имот, а и во малкуте успешно изречени конфискации со пресудите тие не се извршуваат или се манипулира со имотот кој не бил стекнат законски. Во државата нема соодветен и сеопфатен одговор и ефективен механизам да се одземе кој било незаконски имот или имотна корист. Со измените на членот 98-а во Кривичниот законик се олесни примената на мерката, но сепак, во нашата држава не се применува четвртиот модел на конфискација, кој се однесува на конфискацијата без осуда – се вели во Извештајот за проценка на влијанието на овој закон.

Кога во постапката судот ќе утврди дека имотот не бил стекнат од законски извори, истиот се одзема и преминува во сопственост на државата или жртвата, се додава во овој извештај. Во некои држави, овој имот државата го користи во социјални цели, како на пример, во Италија.

Во извештајот за проценка на новата регулатива е наведено дека при подготовката на законот е направен компаративен преглед на земјите каде и како се спроведува ваква конфискација. Утврдено е дека англосаксонските системи овие постапки се целосно граѓански, а во континенталните правни системи се дел од кривичната постапка, но сепак имаат целосни обележја на граѓанска постапка. Праксата на Европскиот суд за човекови права го дозволува ограничувањето на правата на сопственост, доколку се исполнети условите и стандардите за конфискација без осудителна пресуда.

Во голем број земји имателот на имотот има можност и право во постапката да докаже како го стекнал, односно товарот на докажување е на страна на тужениот, а такво решение е предвидено и во македонскиот нацрт-закон.

Според предложениот закон, Управата за финансиска полиција кога ќе добие известување е должна веднаш да го идентификува и лоцира имотот кој е предмет на постапката, како и сопственикот и ако утврди дека се исполнети условите го известува Државниот правобранител. Овој орган е овластен тужител за постапување во име на државата, презема мерки и правни средства пред надлежните државни органи и ја поведува постапката за утврдување на имотот пред надлежен суд за. Државниот правобранител е должен да подготви тужба во рок од 15 дена по добиеното известување од Управата ако оцени дека податоците и доставените докази се доволни за докажување. Ако, пак, се работи за дел од имот, а не за цел имот, Државниот правобранител ќе бара сопственикот да го плати делот за кој нема доказ дека му е законски стекнат.

Според предложеното решение, постапката пред првостепениот суд треба да заврши во рок од девет месеци, а после евентуална жалба, второстепениот суд мора да одлучи во рок од четири месеци. Преносот на сопственоста на имотот не подлежи на данок на промет на недвижности.

Тужениот или лицето против кое е изречена мерка за обезбедување на имот има право да го користи имотот до правосилност на одлуката, но во граници на овозможување на неговите неопходни животни потреби. Трошоците за користењето и одржувањето на имотот ги сноси тужениот, а имотот треба да го користи како добар домаќин. Тужениот не одговара за намалување на вредноста на имотот при редовна употреба, но одговара за предизвикана штета и за уништување на имотот.

Конфискуваниот имот одземен со правосилна судска пресуда ќе се користи согласно со Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот