
Ковид-позитивните да не земаат антибиотици на своја рака, препорачува доктор Трајковски
Коронавирусот е присутен, ама брзи тестови не можат да се најдат во сите аптеки. Социјалните мрежи се преполни со луѓе што бараат препораки за аптеки каде што може да најдат брз, антигенски тест кој е евтин и чини околу двеста и педесет денари, а кој го детектира присуството на вирусот. Приватните лаборатории тестираат веднаш, но за цена двојно повисока од тестовите во аптека. Најголем дел од пациентите што чувствуваат симптоми, се лекуваат симптоматски, тврдат лекарите со кои зборуваше „Слободен печат“. Тие велат дека е присутен сериозен тренд – на своја рака да се земаат антибиотици за ковид, што без препорака на доктор може да направи повеќе штета отколку корист.
Препорачано
– Во принцип, периодов се очекуваше зголемен број на случаи со ковид и други респираторни заболувања, како и состојби со гастроинтестинални симптоми. Ако алудираме на ковид, да, периодов апсолутно гледаме зголемување на случаите како што знаевме дека ќе се случи поради почетокот на училишната година, падот на температурите, луѓето се собираат на затворено и контактите се зголемени. Пораст има најмногу, поради тоа што не правиме речиси никаков тип на испитување и тестирање. Единствено ако пациентот своеволно побара, или ако ние оцениме. Сфативме дека лекувањето на ковид е во одредени аспекти симптоматско. Третираме симптоми, ако е потребно даваме терапија, а многу ретко, речиси и да не се сеќавам на таков случај, испраќаме пациент на болничко лекување, изјави за „Слободен печат“ матичниот лекар, доктор Бојан Трајковски.
Тој препорачува граѓаните да имаат комплетен мир, да нема паника.
– Да примаат течности, да одмораат и една од најголемите пораки до нив е да не пијат антибиотици сами. Граѓаните примаат антибиотици без да им ги препорача лекар и на таков начин ја уништуваат добрата флора во својот организам и заштитата – додава доктор Трајковски.
Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје извести за четири лица коишто починале асоцирани со ковид-19 во рок од една недела, од деветти до петнаесетти септември.
Професорот Драган Даниловски предупредува на начинот на кој медиумите известуваат за смртните случаи асоцирани со ковид-19. Тој објаснува дека е многу важно да не се сугерира дека граѓаните што починале со ковид, починале поради коронавирусот, особено затоа што во извештајот на Институтот за јавно здравје се наведува дека дел од нив имале придружни болести.
Не починале од ковид-19. Починале со ковид-19. Во извештајот на Институтот за јавно здравје разбирливо пишува дека сите починати се на возраст над 70 години, тројца од нив се починати во болнички услови, а кај три лица се регистрирани коморбидитети. Сите лица биле невакцинирани против ковид-19, вели професорот Даниловски.

Тој објаснува дека ова значи, дека овие лица починале од некоја своја хронична болест која била основната причина за смртта, а ковид-19 бил само придружна, таканаречена „асоцирана“ причина која го забрзала настапувањето на смртта.
– Тоа значи дека ковид-19 не смее да се наведе како ,,основна причина за смрт“, туку само како ,,асоцирана“ (придружна). Накратко, ниту еден од четирите починати минатата недела не умрел од ковид-19 иако биле заразени – објаснува Даниловски.
Во Институтот за јавно здравје за една недела регистрирани се 57 позитивни случаи, од тестирани 285 материјали. Просечно, 20 проценти од тестираните биле позитивни. Во неделата пред тоа, регистрирани биле 111 позитивни случаи. Во извештајот на Институтот за јавно здравје се забележува промена на изборот на зборови и за смртните случаи се наведува дека починале „асоцирани со ковид-19“. На таков начин се прави дистинкција дека ковид-19 не е примарната причина за смртта. Сепак, ова не значи дека вирусот треба да се игнорира, туку оние лица кои имаат поголем ризик да заболат од тешка форма на ковид, да бидат внимателни. Вирусолозите велат дека заразноста на ковидот почнува еден до два дена пред почетокот на симптомите и трае три до пет, па и седум и повеќе денови.
Иако во цела Европа и во Америка го има лекот „Паксловид“, во Македонија го нема.
Професор-доктор Драган Даниловски на различни начини алармира дека овој лек е спас за некои повозрасни граѓани и хронично болни, доколку нема контраиндикација да го примат. Инаку, „паксловид“ е лек наменет за пациенти со лесна и средна клиничка слика, кои имаат реален ризик да добијат тешка болест или да починат од ковид-19. Тука спаѓаат повозрасни граѓани, хронично болни, екстремно обезни пациенти итн. Овој лек се добива на рецепт откако лекарот ќе направи увид во лекарствата што пациентите редовно ги пијат за други здравствени проблеми. Не смее да се даде ако се пијат одредени други лекови на пример против згрутчување на крвта, шизофренија, висок крвен притисок, симнување на мастите итн.
Целата 2024 година, заклучно со 15 септември, регистрирани се вкупно 1.560 заболени и 20 починати лица асоцирани со ковид-19. Од појавата на првиот случај во земјава на 26 февруари 2020 година, заклучно со 15 септември 2024 година, пријавени се 351.876 заболени со ковид 19 и 9.999 починати лица асоцирани со ковид- 19. Најголем дел од заболените се регистрирани во Скопје, Битола и Куманово, а највисок морбидитет е регистриран во Кавадарци. Највисок морталитет се регистрира во Охрид, Кавадарци и Прилеп. Највисок леталитет се регистрира во Струга и Крива Паланка.
Во однос на датумот на пријавување, најголем број на заболени на неделно ниво, 11.881 е регистриран во текот на четвртата недела во 2022. Во текот на 2024 година, а заклучно со 15 септември 2024, регистрирани се вкупно 1.560 заболени лица. Во месец август 2024 имало 829 регистрирани случаи, што е зголемување за 3,3 пати во однос на претходниот месец кога имало 250 случаи. Во месец септември, регистрирани се 172 заболени лица.
По период на многу слаба активност, се детектира зголемена активност на ковид, во рамките
на европскиот континент, вклучително и во Македонија. Според Институтот за јавно здравје, лицата на возраст над 60 години се со најголем ризик од тешка болест. Хоспитализациите на лица со потврден ковид-19, приемите во интензивна нега и смртните случаи остануваат на ниско ниво во земјите на Европската Унија.
ИЈЗ препорачува следење на основните мерки за превенција на ковид-19 и на останатите респираторни заразни заболувања.
Вакцинацијата останува специфична превентивна мерка обезбедувајќи заштита од тешки форми
на болест, иако овој заштитен ефект со тек на време се намалува. Продолжува препораката за вакцинацијата на лицата со висок ризик од тешки форми на болест и лош исход, како што се повозрасните лица.
Во Европа брзо се шири новата позаразна варијанта на ковид: Ова се четирите главни симптоми