Ковачевски повика на внатрепартиски избори: Добро да размислиме што направивме во последните четири години

Димитар Ковачевски/Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва на прес-конференција ја честиташе победата на изборниот конкурент ВМРО-ДПМНЕ на Парламентарните избори, како и победата на претседателскиот кандидат Гордана Сиљановска-Давкова.

– Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите на партијата. Во наредниот период ќе ги анализираме резултатите, не сакам да носам избрзани заклучоци и да посочувам виновници. И јас и партиското раководство имаме одговорност и заедно ќе мораме да поминеме низ овој процес. Треба добро да размислиме што направивме и кои беа слабостите во последните четири години, порача Ковачевски.

Претседателот на партијата најави дека се потребни внатрепартиски избори, почнувајќи од раководството.

– Повикувам на внатрепартиски избори, почнувајќи од раководството, па се до претседателите на општинските организации и сите органи и тела. Органите на партијата ќе одлучат прецизно за времето и начинот на спроведување на овие постапки, додаде тој.

Според Ковачевски, СДСМ и коалицијата мора да бидат силна и одговорна опозиција.

– Водев сметка да не наштетам на државните интереси. Затоа и се одлучив сега откако завршија изборите да ја кажам вистината со која живеам веќе 2 години. Вистината е дека актуелниот систем во кој живееме, води повеќе сметка за ПР-от отколку за суштината, за површината отколку за длабината и граѓаните со право се незадоволни и не веруваат во ништо. Многуте кризи придонесоа многу граѓани да се иселуваат и да немаат верба во државата. Корупцијата на секое ниво, личните интереси, долгата европска интеграција, непотизмот, бизнис интересите, етничкиот професионализам, се само дел од крупните дефекти на системот што ја јаде државата и кој мора конечно да се промени, порача Ковачевски.

На прашањето дали ќе поднесе оставка од функцијата претседател на партијата, Ковачевски не даде одговор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот