Корупцијата како очајна перцепција

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Сивата економија метастазира во Македонија и државата не знае каде завршуваат една милијарда евра, тврди вицепремиерот Битиќи, додавајќи дека „се додека мислиме дека можеме да функционираме без фискални сметки и фактури, државата и граѓаните сè повеќе губат“. Но дали Битиќи во последните десетина години, па и повеќе, сретнал, на пример, некој адвокат што издава фискални сметки или фактури за услуги што чинат 3.000 или 6.000 денари? Или, да речеме, 500 евра. Се разбира, и за далеку повисоки суми?

Злоупотреба на власта за лична полза. Така во пошироки рамки се дефинира корупцијата. Но проблемот е во тоа што едновремено не станува доволно јасно што е тоа што претставува злоупотреба, така што секогаш постои ризик да се западне во релативизирање на нештата. Нулта корупција, во секој случај, не постои, тоа е илузија. Но она што се смета за злоупотреба во Данска, во Македонија може да се смета за прилично „нормална“ состојба за која веќе и децата зборуваат. Во ненормални општествени услови многу нешта стануваат нормални.

Кога веќе ја споменавме Данска, која многумина би ја нарекле нормална земја, можеме слободно да претпоставиме дека еден високопозициониран дански политички лидер или функционер, кој би си дозволил да се појави во ударни медиумски вести дека ја злоупотребил функцијата, така што на свои блиски роднини им овозможил, на пример, лесно да победат на тендерски постапки, или да добијат лукративни зделки под закрила на државата, веќе наредниот ден убаво би ги исчистил чевлите, педантно би ја затегнал вратоврската, и би тргнал да ја поднесе својата оставка.

Во Македонија, каде што таквите вести се всушност секојдневна централна тема во медиумите, веќе и ретко се случува некој да се заморува со испраќање деманти. Перцепциите се дијаметрално спротивни. Данска е на самиот врв на индексот за корупција на “Транспаренси“, како најмалку корумпирана држава. Македонија е една од најсиромашните и најбесперктивните земји во Европа.

Сивата економија метастазира во Македонија и државата не знае каде завршуваат една милијарда евра, тврди вицепремиерот Битиќи, додавајќи дека „се додека мислиме дека можеме да функционираме без фискални сметки и фактури, државата и граѓаните сè повеќе губат“. Но дали Битиќи во последните десетина години, па и повеќе, сретнал, на пример, некој адвокат што издава фискални сметки или фактури за услуги што чинат 3.000 или 6.000 денари? Или, да речеме, 500 евра. Се разбира, и за далеку повисоки суми? Адвокатите се само еден пример во контекстот за кој можеби зборува и ги предупредува граѓаните Битиќи, иако е сосема јасно дека можностите на обичниот граѓанин да влијае на готовинските плаќања за кои не добива сметкопотврда, се крајно ограничени. Владата е таа што треба највисоко и бескомпромисно да го крене бајракот на борбата против корупцијата и сивата економија.

Промена на власта по претходните изборни циклуси во Македонија, онака како што би можело да се очекува и по наредните избори, се одвива во заострен конфликтен амбиент на политичка непомирливост, проследена со реваншизам, натамошно продлабочување на омразата и поделбите, и „чистење“ на административните ешалони за да се внесат сопствени партиски членови и полтрони, во последно време според фризираните етничко малцински пописни резултати.

Оставките во Македонија се најмалку резултат на свесно преземање политичка одговорност и секогаш се изнудени под силен притисок, без оглед на идеолошките и партиско-етнички разлики, кои најчесто се користат како параван за замаглување на критиката со која се бара преземање на одговорност за лошото владеењето. Ниедна македонска партија во изминатите децении не се прослави со моралните аспекти на преземање одговорност за резултатите од сопствената политика за која ја добиле доверба од избирачите.

Културата на подмитување, корупцијата и расипништвото со државни пари не се никаков пат што води кон успех, а што на разни нивоа јасно се рефлектира и во економијата. Причините зошто на земјите аспиранти за членство во ЕУ, меѓу кои и Македонија, постојано им се поттура на увид барањето за ефикасни реформи во оваа област, сигурно не е ниту неправедни ниту, пак, нереални. Иако повеќемина политички лидери тврдат дека Македонија веќе од подамна ги исполнила Копенхашките критериуми за започнување на преговори за членство во ЕУ. Како тоа Македонија ги исполнила критериумите за да и се честита за високите и евидентни резултати во областа на владеењето на правото и стабилноста на судскиот систем, како и во развивањето на функционална пазарна економија? Вклучувајќи ги фискалните сметки и фактури за кои зборува Битиќи.

Изборот да се пристапи кон коруптивни дејствија се прави свесно, при што искуствата се загрижувачки и не се сведуваат само на тоа колку често некој државен функционер отуѓил пари од државната каса, наместил тендери за да им овозможи бесправно богатење на своите роднини, злоупотребил службени возила за приватни цели, или, пак, колкаво количество специјалитети изел и испил во скапи ресторани. Искуствата се загрижувачки, паралелно со тоа што перцепцијата во македонската јавност околу сеопфатноста на коруптивни однесувања во крајна линија се сфаќа и се доживува како нормална состојба во општеството, што ги поттикнува младите побрзо да се иселат. Собери парталите и фати џенем, што е можно подалеку.

На многумина во Македонија веројатно ќе им прозвучи смешно доколку се рече дека основните препораки при едуцирањето за сите сегашни и идни лидери и функционери во Данска се дека при одлучувањето, јавните службеници не смеат, на пример, да го земаат предвид полот, социјалното потекло, етничката припадност или фактот дека некој им дал пари. „Кај нас тоа не важи“, е коментарот што најчесто се слуша кога македонски граѓани резигнирано констатираат „до каде сме потонале“, гледајќи го дното како превртено лице што се исчитува на површината на општеството.

Многу луѓе помислуваат на мито кога ќе го слушнат зборот корупција, но она на што всушност најсилно реагираат луѓето ширум светот се различните форми на фаворизирање, што е во директна спротивност со правдата. Фаворизирање не е само за мито, туку и за неправда.

„Да не се залажуваме дека е можна нулта корупција“, смета директорот на данската Агенција за развој на судството, Мерете Екхард. бидејќи „не смееме да излеземе на лизгава патека“. Токму со сериозно преземање на сите случаи, ставање во центарот на вниманието на јавноста и дискутирање за нив, можеме да ги спречиме големите и општествено деструктивни последици од корупцијата, порача Екхард по повод одбележувањето на Европскиот ден на правдата, 25 октомври.

Во Македонија корупцијата продолжува да го спречува, па дури и да го запира развојот и економскиот раст, зголемувајќи ја енормно социјалната нееднаквост. Тешко дека некој не може да ја сподели таквата очајна перцепција.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот