Користел не користел струја, за пристапот до мрежа мора да се плати

Фото: Драган Митрески / Слободен печат.

Сите трошоци на енергетските компании се делат на сите корисници. Па, така, ако некој не запали ни светло во викендичка, или си има фотоволтаик, не е фер другите да платат повеќе на сметка на неговото нетрошење, а тој да не плати дури ни за пристап до мрежата. Затоа се креира новата ставка

„Пристап до електричната мрежа“ како нова ставка, но уверување дека постојната ставка „мрежарина“ ќе биде пониска, повисока цена од државното производство на струја како една од ставките до конечната пресметка на новата цена, евтина тарифа што доаѓа постепено кај потрошувачите – се новините што го окупираат вниманието на сите граѓани како секојдневни потрошувачи на електричната енергија. Веста за новата ставка „пристап до мрежа“ внесе голема вознемиреност кај граѓаните. Но, од таа ставка, како што изјави за „Слободен печат“ претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, домаќинствата не треба да се плашат, затоа што истовремено ќе се намали „мрежарината“

– Сите домаќинства ќе имаат иста ставка „пристап на мрежа“. Тоа се прави од следниве причини. Ако некој постави на куќа фотоволтаик, се намалува вкупната потрошувачка на електрична енергија. Ние, пак, определуваме приходи на компаниите и делиме со потрошувачката и кога ќе го направиме тоа, се добива повисока цена. Нема потреба некој да плаќа за некој што поставил фотоволтаик. Заради тоа имаме нова ставка „пристап до мрежа“, но ставката „пристапот на мрежа“ ќе се намали – вели Бислимоски.

Ковачевски: Нема да има ценовен шок со струјата ако се користи за основните потреби во домаќинствата

Фиксен трошок од околу 200 денари и поевтина „мрежарина“

 

Според Бислимоски, фиксниот износ „пристап до мрежа“ ќе биде околу 200 денари месечно, па така, ако некој и воопшто не запали светло, некаде, во некоја викендичка, ќе мора да си го плати месечниот надоместок за тоа што има пристап до мрежата.

Да потсетиме, во јули минатата година Регулаторната комисија за енергетика го укина надоместокот за мрежарина при предавање на вишокот произведена електрична енергија од обновливи извори, како што се фотонапонски електроцентрали што домаќинствата и малите потрошувачи ги имаат инсталирано, а се стекнале со статус на потрошувач-производител.

„Со одлуките што ги носиме, сакаме да ги стимулираме потрошувачите да инсталираат фотоволтаични електроцентрал“, информира регулаторот.

Во изминатиов период често бевме сведоци на остри реакции поради тоа што „мрежарината“ неретко беше и колку самата цена на потрошената струја. Мрежарината се плаќа за користење електричната мрежа – за нејзино функционирање, одржување, наградување и како посебна ставка. За тоа користење, сега се плаќа по 2,632 денари за секој искористен киловат-час електрична енергија. Така, ако некој користи помалку електрична енергија ќе плаќа и помалку мрежарина.

„Слободен печат“ ви презентира два реални примери, како сега функционира во практика наплатата на електрична енергија.

Во првиот случај имаме една мала сметка од викендичка, потрошени 59,6 киловати во прв блок и 55,7 киловати во евтина тарифа. Вкупната цена за потрошената електрична енергија е 332 денари, а за мрежарината, за вкупно 115,3 киловати, пресметани се 302 денари, или крајната цена без ДДВ е 634 денари.

Во втор случај, имаме една зимска сметка од почетокот на годинава (пред промената на цената од 1 јули). Потрошени се 203 киловати во прва тарифа, 283,2 во втора тарифа и 336 киловати во ниска тарифа, или вкупно цената на потрошената струја изнесува 2.863 денари. За мрежарина, за сите овие километри се пресметани 2.204 денари. Така, вкупната цена без ДДВ била 5.067 денари.

Според најавите, пресметките ќе покажат понизок износ на „мрежарина“, но и фиксен износ на „пристап до мрежа“. Во новите пресметки од 1 јануари ќе има и нова цена, но ќе останат блоковите.

Од денеска евтина дневна тарифа на струјата за домаќинствата

Се чека новата  цената и евтината траифа за сите

 

Една од најважните ставки при формирањето на новата цена е цената што на тендер ќе ја понуди ЕСМ. Тендерот помина, а цената е 57 евра за мегават-час, што е повеќе од сегашните 53 евра. Но, има и втор момент. Сега целата струја е од домашното производство, но според регулативата, ЕСМ тоа не е должно да го прави, па најави покривање на 95 отсто од потребите на домаќинствата, што значи дека тие 5 проценти ќе се покриваат со уште поскапа струја. Нормално е и струјата да се губи во самата дистрибутивна мрежа и има ниво на признати загуби, но и цената на струјата за покривање на загубите ќе биде повисока од сегашната.

И претседателот Бислимоски во неодамнешното интервју за „Независен“ изјави дека според првичните податоци што ги добиле ќе има зголемување на цената, но дека тој секогаш верува во креативни, правични и мудри решенија.

Едно од тие решенија, секако е и евтината дневна тарифа што во просек би требало да ги намали сметките за 5 проценти. Експанзијата на фотоволтаиците всушност ја смени сликата за нашиот начин на обезбедување струја. Сега струјата од сонцето станува сè поприсутна во енергетскиот биланс. Всушност, таа беше причината и за враќањето на евтината тарифа.

Евтината дневна тарифа е воведена од 1 декември, од 13 до 15 часот. Но, сите броила сè уште не се наместени. Автоматски електронски броила имаат 180.000 домаќинства (од вкупно околу 600.000) и тие веќе имаат евтина тарифа, а другите добиваат постепено, како што им е периодот на отчитување.
ОД ЕВН уверуваат дека до крајот на месецот ќе бидат нагодени сите струјомери да вртат и на дневната евтина тарифа, освен оние во пооддалечените рурални подрачја. Но, според реакциите во јавноста, има стравувања дека тоа нема да се направи и во околината на Скопје, каде што има викендички, но и постојани жители, затоа што и досега немало редовно отчитување.

Ковачевски: Нема да дозволиме ценовен шок

 

Премиерот Димитар Ковачевски вчера порача дека ќе нема ценовен шок со струјата ако се користи за основните потреби во домаќинствата и дека ќе плаќаат повеќе оние што имаат можност да ја користат за полуксузни намени.
Истакнувајќи дека цената на струјата во државата ја определува Регулаторната комисија за енергетика, Ковачевски посочи дека првиот и вториот тарифен блок опфаќаат до 98 проценти од домаќинствата во државава и за нив, како што рече, „ќе нема никаква промена на цената како што и немаше, бидејќи ценовен шок не дозволивме за граѓаните“.
– Третиот и четвртиот блок се помал број домаќинства што имаат поголема потрошувачка на електрична енергија. Во четвртиот блок се домаќинства што според своите приходи, според своите можности загреваат поголеми простории, базени итн. Секој во согласност со своите можности тоа може да го прави, меѓутоа и ќе плати поскапа цена на електрична енергија бидејќи, да не заборавиме, ние ја субвенционираме до 90 проценти за да немаме ценовен шок – рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот