Компромитирана македонска демократија

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Наметнување на волјата на посилниот врз послабиот, како што тоа на очиглед на целата ЕУ го прави Бугарија врз Македонија, е целосно неспоиво со основните вредности врз кои се темели европското обединување. Со притисоци и уцени за откажување од сопствените национални интереси, заради добивање членство, тие вредности – означени како соработка и рамноправност – ја доживуваат својата негација.

Крајно време е за решителни чекори. Сега е моментот. Пораките од ЕУ упатени кон земјите од Западен Балкан се речиси еднозначни. Посебно се чини кон Македонија. „Немате време за губење“, рече деновиве специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин. Уште еден во низата европски бирократи што советува брзопотезно усвојување промени во македонскиот Устав со внесување на Бугарите во Преамбулата. „Направете го овој тежок чекор“, а Германија потоа ќе биде заедно со Македонија на патот кон ЕУ.

Германија беше заедно со Македонија и пред усвојувањето на Преспанскиот договор и „тешкиот чекор“ за промена на името на државата. Во пресрет на одржувањето на референдумот, Ангела Меркел го посети Скопје за да ја изрази својата безрезервна поддршка, но потоа ништо позначајно не се случи во исчекувањето најпосле да се отворат македонските преговори за членство. Тоа и Олаф Шолц го потврди неодамна, зборувајќи за две децении празни ветувања од ЕУ за земјите од Западен Балкан.
Нема време за чекање. Но, дали таква порака им се испраќа и на други или, пак, зависи од материјата која е во прашање и која треба да се обработи и обликува, според некакви поставени цели во меѓународните односи. И други земји наидуваат на сериозни проблеми, притисоци, уцени и блокади при зачленувањето во меѓународни организации и алијанси. Но, пристапот од центрите на моќ значајно се разликува.
Никој, на пример, не ѝ упатува порака на Шведска да не се двоуми повеќе и да направи решителен чекор, бидејќи „сега му е мајката“ за оваа скандинавска земја, соочена веќе подолго време со блокади од Турција за нејзината молба за зачленување во НАТО. Никој од можните западни сојузници не ја притиска Шведска да попушти и да ги прифати барањата на турскиот претседателот Ердоган, кој одобрувањето на молбата на Шведска во турскиот парламент ја условува со барања шведската влада, меѓу другото, да испорача долг список членови на Курдската работничка партија, ПКК, кои Турција ги смета за терористи, да не дозволува приврзаниците и симпатизерите на оваа партија да демонстрираат на улиците во Стокхолм и да мавтаат со знамињата на ПКК. Ердоган во неколку наврати беше мошне иритиран и силно ги осуди и протестите во шведската метропола на кои беше запален Куранот.

Но, таквите барања се невозможна мисија за една високоразвиена и функционална демократија. Обидувајќи се, сепак, да му излезе во пресрет на Ердоган, шведската влада иницираше заострувања на антитерористичките закони што неодамна беа усвоени во парламентот. Но, многупати веќе беше потенцирано дека исполнувањето на барањата што ги поставува Турција се во спротивност со шведскиот Устав.

По широка јавна полемика во која се вклучи и поранешниот шеф на шведската дипломатија Карл Билд, тврдејќи дека постојат силни причини да се забрани палење на Куранот, шведскиот Управен суд пресече и утврди дека полицијата не требало да забранува таков вид манифестации, бидејќи слободата на јавно собирање и демонстрирање е едно од основните уставно заштитени граѓански права. Тоа практично значи дека не доаѓаат предвид никакви измени во шведскиот Устав, така што ќе се забранува и интервенира политички во однос на слободата на изразување, која функционира како една од клучните историски придобивки на демократскиот систем. Шефот на полицијата во Стокхолм, не сакајќи да ги коментира барањата на Ердоган, изјави дека виорењето на ПКК-знамиња не може да се забрани.
Во меѓувреме Ердоган повторно победи на претседателските избори и набрзо потоа рече дека Шведска и понатаму не може да смета на турска согласност за членството во НАТО, бидејќи недоволно било направено за да се исполнат турските барања. Но, во Стокхолм уследија коментари дека шведската влада повеќе не треба да ја игра играта што и е наметната, и дека натамошна понизност пред турскиот претседател е апсолутно неприфатливи.

Можно е Шведска наскоро и да стане членка на НАТО, а што неодамна го најави и американскиот министер за надворешни работи, Блинкен. Но суштината на прашањето не е во тоа. Една земја може да стане полноправна членка на НАТО и без притоа да ја компромитира својата демократија. Доколку политичките лидери на моменти си дозволат да се однесуваат невнимателно, државните институции се тие што треба да ги заштитат националните интереси и непреченото функционирање на општествениот систем.

Предизвиците на меѓународен план се во голема мера еднакви или барем слични за сите. „Нема многу време за губење, бидејќи не знаеме што ќе се случи, имајќи ја предвид војната во Украина“, смета Сарацин. Но, колку што немањето време за губење се однесува на Македонија, во условите што ги посочува германскиот пратеник, се однесува и на Шведска. Прашање е тогаш кој и зошто треба да ги прифати притисоците и да подлегне на уцените, повеќе од некој друг. Од кого и зошто се очекува да направи жртва во однос на сопствените национални интереси за да се заштити големата слика на меѓународниот поредок и стабилност?

Што се однесува до македонските партии и политички лидери, одамна се покажа дека нивната склоност кон компромитирање на демократските процеси на донесување на одлуки, пред сè во однос на заштитата на националните интереси, практично нема граници. Колкумина граѓани навистина веруваат дека проблемите треба да се решаваат преку лидерски средби на кои двајца или тројца зад затворени врати со испотени чела решаваат за судбински прашања на државата? За што тогаш треба да се дискутира во Парламентот.

Притисоци од светските центри на политичка моќ постоеле отсекогаш. Но, кој можел и дали ја притиснал Бугарија пред да стане членка на ЕУ да ги почитува демократските и граѓанските права на своите жители и да ги признае своите национални малцинства? Бугарија на лесен начин се провлече до членството во ЕУ и сè уште не го признава постоењето на македонското малцинство. Токму напротив, негаторското однесување на Софија уште повеќе се засилува, иако е јасно како бел ден дека тоа е во директна колизија со еден од основните Копенхашки критериуми: „Стабилност на институциите во гарантирањето на демократијата, владеење на правото, човековите права и почитта и заштитата на малцинствата“. Во ред, така е запишано на хартија, а во практика очигледно не мора да биде така, барем не кога е во прашање целосното негирање и понижување на правата на националните малцинства, на пример во Грција и во Бугарија.

И сега повторно доаѓаме до тоа налудничаво инсистирање за неодложни уставни промени и внесување на „државотворните“ Бугари или, подобро речено, на бугарското малцинство во македонскиот Устав. Уште колку пати треба да се компромитира македонската кревка демократија за да се постигне некаква повисока цел? Впрочем, основањето на ЕУ, историски гледано, се одвивало со цел за мирно обединување преку соработка и рамноправност на нејзините членки.

Наметнување на волјата на посилниот врз послабиот, како што тоа на очиглед на целата ЕУ го прави Бугарија врз Македонија, е целосно неспоиво со основните вредности врз кои се темели европското обединување. Со притисоци и уцени за откажување од сопствените национални интереси, заради добивање членство, тие вредности – означени како соработка и рамноправност – всушност ја доживуваат својата негација. Ако веќе многумина во Европа го премолчуваат тој факт, Македонија треба да биде таа што најмалку од сите други ќе се помири со таквиот молк.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот