Кој пукаше во „Цар Борис“, полицијата засега без одговор, случајот не бил едноставен

Протест пред клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид/ Фото: Владимир Јовановиќ

Охридската полиција работи на случајот со нападот со огнено оружје на бугарскиот културен клуб „Цар Борис“, како и на случајот со нападот со тврди предмети од пред три дена, а сторителите засега не се пронајдени, вели портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски за „Слободен печат“. Тој вели дека полицијата чека насоки од Јавниот обвинител како да постапува понатаму во случајот.

– Синоќа околу 19 часот и 12 минути беше пријавено во полиција, веднаш е излезно на терен од каде се собрани материјални траги во соработка со јавен  обвинител. Се разгледуваат собраните докази и чекаме насоки од Јавното обвинителство во која насока натаму да се движи истрагата – вели Димоски за „Слободен печат“.

Во врска со објавите на бугарските медиуми дека има видео-снимка од синоќешниот напад на која се гледа како пукачот пристигнува на местото со автомобил, излегува од возлото и го испразнува пиштолот кон клубот, Димоски вели дека се собрани сите материјални докази.

– Сѐ ќе се провери – вели тој.

На прашањето дали се пронајдени сторителите кои пред три дена со цврсти предмети го искршија стаклото на клубот, Димоски одговори негативно.

– Се работи на случајот, кој не е едноставен. Имаме многу разни околности што треба да се истражат во моментов, а во контекст на нападите на клубот – вели Димоски.

СВР Охрид синоќа информира дека околу 19 часот и 12 минути било пријавено оштетување на стаклото на канцеларијата на здружението „Цар Борис Трети“, лоцирана на булеварот „Македонски Просветители“ во трговскиот центар Амам во Охрид.

– Полициски екипи при СВР Охрид излегоа на местото на настанот при што е утврдено дека на стаклото од надворешната врата и стаклото од излогот на канцеларијата има две оштетувања направени од оружје – изјави синоќа Димоски за МИА.

Синоќешниот напад е трет врз клубот „Цар Борис“ откако беше отворен на почетокот на октомври, под силно полициско обезбедување и со протест на револтираните охриѓани. Прво му беше искршена таблата, а пред три дена клубот беше каменуван.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот