КК Пелистер со објаснување: МЗТ и Работнички доцна најавија присуство на навивачи

Фото: ФК Пелистер

Во текот на денешниот ден бурно реагираа МЗТ Скопје и Работнички на одлуката полуфиналниот натпревар во Купот на Македонија да се игра без публика.

Организатор на завршницата на купот е КК Пелистер, па така критиките беа упатени кон нив. Од КК Пелистер сега го кажаа својот став истакнувајќи каде според нив настанал проблемот.

Како домаќини и организатори на завршниот турнир од Купот на Македонија се чувствуваме повикани да ги објасниме случувањата во изминатите 24 часа, кои доведоа до тоа дуелот меѓу МЗТ Скопје и Работнички да биде игран без присуство на навивачките групи на двата скопски ривали. Пред сè, сакаме да ставиме до знаење дека желба на КК Пелистер секогаш е кошаркарските натпревари да бидат играни пред полни сали, затоа шго кошарката се игра за навивачите. Наша цел како клуб беше овој Куп, особено полуфиналниот и финалниот ден да биде игран пред повеќе илјадна публика, поради што и се решивме за популарни цени од 100 денари за дневен билет. Подготвени бевме да ги отвориме вратите за сите навивачки групи и во четвртфиналето, исто како и денеска и утре, но затоа отсекогаш постоела и ќе постои одредена процедура – најавување за присуство на навивачка група. Во конкретниот случај, МЗТ Скопје синоќа после полноќ, а Работнички дури рано утрово се огласи со желба и конкретна најава дека нивните навивачи сакаат да дојдат и да го следат овој меч.

Нивниот однос е изненадувачки бидејќи од претходно се знаеше дека овие два тима ќе играат еден против друг во полуфиналето, но ниту едниот ниту пак другиот не покрена иницијатива за да го најави присуството. Згора на тоа, ние како организатори синоќа гласно прашавме претставници на федерацијата дали треба да се подготвиме за гостински навивачи, по што добивме негативен одговор, бидејќи ниту еден клуб не побарал такво нешто од куќата на кошарката, ниту пак од нас како домаќини. Утрово скопските клубови се обидоа да извршат притисок, но нашиот одговор беше јасен – нема доволно време за извршување на сите неопходни дејствија (вадење на столици од сала, организација на дополнително обезбедување, план за евакуација) до почетокот на натпреварот.

КК Пелистер бил и ќе биде за кошарка пред што повеќе навивачи, затоа ги повикуваме клубовите кои ќе бидат финалисти вечерва да го најават присуството на своите фанови, за кои вратите на нашиот дом на утрешното финале ќе бидат широко отворени. Битола е град што знае како да организира големи настани, но постојат правила и процедури што се следеле, треба да се следат и така ќе биде и во иднина, колку и некој да сака својата неспособоност да ја затскрие зад нешто друго“, соопштија од Пелистер.

Покрај натпреварот МЗТ – Работнички во полуфиналето е и Пелистер кој ќе се соочи со Еуро Никел од Кавадарци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот