Ќе поскапат ли макароните, јајцата, кравјото сирење?

Јајца, Фото: Слободен печат/Драган Митревски

Доколку имаат сметка, од 1 јули, трговците ќе може да се вратат на слободното одредување на маржите. Тогаш завршува нивното ограничување на 5 отсто во трговијата на мало и на големо и тоа за белиот леб (сечен на парчиња или цел), шеќерот и зејтинот. По два дена, ќе може да се вратат и старите маржи на брашното од тип 400 и 500, макароните и шпагетите, македонскиот бел ориз, трајното кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, јајцата, урдата, кравјото бело сирење, кашкавалот, киселото млеко, павлаката и јогуртот, кои од април до крајот на јуни беа ограничени на 10 отсто во трговијата на големо и на мало. Граѓаните не стравуваат од некој нов ценовен шок, бидејќи освен овие десетина производи, најголемиот дел од трговскиот асортиман остана со високи цени. Тука особено ги потенцираат цените на месото и на сувомесните производи, овчите млечни производи, хемиските препарати, кафето, чоколадите и сè друго што не беше опфатено со мерките.

– Се покажа колку беше вештачко зголемувањето на одредени цени, како на пример на зејтинот, чијашто цена за само еден месец се намали за 100 проценти. Не е само лебот што треба да се изнесе на маса, што правиме со другите производи – велат граѓаните.

За да се спречи дивеењето на цените на храната, кое се совпадна со енергетската криза, и за да го заштити стандардот на граѓаните, Владата од април до крајот на мај годинава, им ги ограничи маржите на трговците, но само за овие неколку основни прехранбени производи. Мерката потоа беше продолжена до крајот на јуни. Најавувајќи ги замрзнатите маржи, министерот за економија Крешник Бектеши во април соопшти дека маржите за некои производи изнесувале и до 250 отсто! Тој тогаш јавно ги повика на телевизиско соочување претставниците од бизнис-секторот што велеа дека замрзнувањето на цените не е соодветна мерка.

– Ова се административни одлуки, а јас сум повеќе од убеден дека се исправни, и за бизнис-секторот, а особено за потрошувачите. Ако трговците мислат дека маржата од 150, 200 или 250 отсто е во ред во време на криза и да не се одрекуваат од тоа што го планирале како годишен профит, тоа Владата и Министерството за економија нема да го дозволат – порача тогаш Бектеши.

Од Министерството за економија за „Слободен печат“ го потврдуваат крајот на владината одлука, со констатација дека нејзината примена се засновала на следење на временската рамка, која била одредена за време на кризната состојба.

– Со оглед на фактот дека на пазарот имаме стабилизирање на домашните цени кои се резултат на стабилизирање на берзанските цени на суровинските компоненти од увоз и цените на електричната енергија, Министерството за економија цени дека по завршување на рокот на примена на Одлуката на трговските маржи, домашните цени треба да продолжат да се утврдуваат според пазарни услови. Долгорочната примена на трговски маржи во услови кога не постои неизвесност на перманентен раст на берзанските цени може да доведе до спротивен ефект на пазарните услови поради наметнување државна контрола на цените и намалување на конкурентноста кога не се објективни причинитe за тоа – објаснуваат од Министерството.

Од ресорот порачуваат дека доколку пазарот оцени дека треба да има продолжување на рокот, ќе го спроведат тоа.

– Засега ја следиме состојбата со цените на суровините и на енергенсите на светските берзи. Тие цени главно ќе ги диктираат условите и потребата од продолжување на мерката или, пак, ќе оставиме производителите и трговците да покажат општествена одговорност кон потрошувачите по завршување на рокот на мерката – велат од Министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот