Ќе ја оправи ли ЕУ Македонија?

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Македонија го смени дури и своето државно име, но тоа не беше доволен аргумент за вбризгување нова енрегија во процесот на проширување на ЕУ, а што наиде на потврда и во лабавиот однос кон ова прашање од страна на наследничката на Јункер, Урсула фон дер Лајен. Прашање е дали тоа ќе останеше така, доколку Брисел не беше соочен со неодложноста на експресното давање кандидатски статус на Украина, по руската инвазија.

„Унија не значи униформа“, рече поранешниот француски претседател Франсоа Оланд, обидувајќи се да објасни зошто го поддржува сценариото „ЕУ со различни брзини“, како една од петте можни развојни насоки дадени во „Белата книга за иднината на ЕУ“.

„Оние кои сакаат повеќе, прават повеќе“ е официјалниот наслов на тоа сценарио, кое наиде на поддршка не само од страна на Оланд, туку и од повеќемина други шефови на држави и влади, отворени за дебата околу ЕУ со „различни брзини“, каде што земјите-членки послободно избираат кои соработки сакаат меѓусебно да ги продлабочат. Тоа би бил, значи, еден од начините како Унијата подобро да го утврди својот идентитет и патем да ги спроведе неопходните внатрешни реформи.

Беа наведени уште четири можни насоки за развој на ЕУ. Правата е Унијата да продолжи да постои како досега. Втората е од ЕУ да остане само заедничкиот пазар, без слободата на движење да биде целосно заштитена. Третата е Унијата да одговара за помалку работи, но поефективно, а, како уште една алтернатива што би можела да дојде до израз, е посочена целосната федерализација.

„Белата книга“, која пред крајот на својот мандат успеа да ја протурка поранешниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, наиде на низа критики, меѓу другото и поради фактот дека воопшто не ги зема предвид и прашањата за проширувањето на ЕУ со прием на нови членки.

Јункер, впрочем, беше тој што на „заморот од проширувањето“ му даде конкретен израз и на самиот почеток на својот мандат, во 2014-та година, јасно стави до знаење дека ниту една земја од Западен Балкан нема да може да влезе во ЕУ во наредните пет години. Јункер го помина мандатот со ветувања за реформи во ЕУ, тврдејќи едновремено дека ЕУ мора да прекине со проширувањето, додека не се консолидира.

Со уште подиректно искажан отпор против проширувањето подоцна се надоврза францускиот претседател Макрон, кој стави вето на пристапните преговори на Македонија и Албанија, образложувајќи го тоа со потребата од реформи на процесот на преговори со земјите кандидатки, и дека „куќата треба прво да ја реновираат пред да примаат нови членки“, мислејќи, се разбира, на ЕУ.

Македонија го смени дури и своето државно име, но тоа не беше доволен аргумент за вбризгување нова енрегија во процесот на проширување на ЕУ, а што наиде на потврда и во лабавиот однос кон ова прашање од страна на наследничката на Јункер, Урсула фон дер Лајен. Прашање е дали тоа ќе останеше така, доколку Брисел не беше соочен со неодложноста на експресното давање кандидатски статус на Украина, по руската инвазија. Повторно стана важно единството во ЕУ, да се зборува со „еден заеднички глас“, а на агендата беше извлечено и подзаборавеното прашање на кандидатскиот статус на земјите во Западен Балкан. Германскиот канцелар Шолц тоа го поткрепи со критички став за „дведецениските изневерени ветувања“ кон балканските земји.

„Белата книга за иднината на ЕУ“ се чини дека моментно е ставена настрана. Што се однесува до сценариото за развој на ЕУ со различни брзни, реалните околности кои моментно владеат во Европа не одат во прилог на интензивирање на тој дел од дебатата, бидејќи многумина сметаат дека на Унијата во овој миг и пред се неопходен „лепак “што би ги поврзал сите да ги следат заедничките европски правила и вредности.

Згора на тоа е неопходно чекорите кон проширување на ЕУ да одат и кон Исток и кон Југ, бидејќи украинскиот процес несомнено создава силен притисок во однос на политиката на проширувањето во нејзината целина. А со тоа, како што забележува поранешниот шеф на шведската дипломатија, Карл Билд, претстои соочување со цела низа не сосема едноставни прашања околу иднината и развојот на ЕУ во деценијата пред нас. Како ќе може да функционира Унијата со повеќе од 30 членки и што би значело тоа во однос на ефективизирањето на процесите на заедничко одлучување. Што би значело тоа, на пример, за Бугарија, и каква политика би водела кон своите соседи, доколку би и се ограничило правото на користење на вето?

Според Карл Билд, централни прашања за новата Европска комисија, што ќе биде назначена, по изборите за Европскиот парламент во наредната година, би требало да бидат последиците од војната во Украина и неопходноста од натамошно проширување на ЕУ. Тоа би била и една сосема нова фаза во равојот на ЕУ.

Но, „изневерените ветувања“, дадени на ЕУ-самитот во Солуна во 2003 година, сепак не можат да се анализираат одвоено од забавеното реформско темпо, па дури и целосно отсуство на политичка волја за спроведување на неиопходните реформи во земјите кандидатки.

Дискусијата околу ЕУ не може да почнува и да завршува само формалниот чин на зачленување, кој несомнено се посакува, или, како што е случајот во Македонија, со меѓусебни партиски обвинувања, со кои речиси целосно се зафаќа медиумскиот простор, за тоа кои се „приврзаници“, а кои се “предавници“ на европската идеја.

Освен беспоштедната борба за власт, треба ли да се зборува и да се работи на развивање на вредности што се сметаат за „типично европски“: закон и ред, морал, еднаквост, борба против корупцијата и криминалот. Квалитетно образование, функционалност на институциите, слободата на изразување, техничко знаење. И, што е не помалку важно, грижа за луѓето и природата. На какво ниво функционираат овие вредности во Македонија? Постојат ли македонски граѓани кои, врз база на искуствата од изминатите три децении политичко владеење во Македонија, немаат јасно формиран став во однос на ова прашање?

Или прашањето можеби би требало да се постави поинаку. Ќе може ли ЕУ да ја оправи Македонија, откако ќе стане членка? „Реновирање на куќата“, за кое зборува Макрон, е дефинитивно промашен пројект доколку се прикрпи само фасадата. Бидејќи, нов мебел не може многу да го смени впечатокот, доколку се внесе меѓу полураспаднати ѕидови, излитени тапети и изринати подови.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот