Кинескиот премиер сака поголема соработка со Германија

Фото ЕПА

Кина сака да ги отстрани пречките и да ги продлабочи односите со Германија, изјави денеска кинескиот премиер Ли Кечијанг.

„Денешниот свет е во фаза на хаос и пресврти. И токму во такви времиња е уште поважно граѓаните на Германија и Кина да ја одржуваат традицијата на пријателство на високо ниво“, рече Ли Кечијанг во соопштението за печатот.

Тој изрази уверување дека патувањето на неговата делегација во Германија ќе ги подобри односите меѓу двете земји.

„Ова ќе биде патување кое ќе го продолжи нашето пријателство и ќе ја продлабочи соработката“, рече Кечијанг.

Веднаш по пристигнувањето во Берлин, тој денеска беше примен од претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер.

Ли, кој е на своето прво патување во странство откако стана премиер во март, е придружуван од бројни членови на неговиот кабинет кои во вторник ќе учествуваат на германско-кинеските консултации на владино ниво.

Овие облици на соработка, Берлин и Пекинг ги негуваат од 2011 година на иницијатива на тогашната канцеларка Ангела Меркел.

Во понеделник навечер германскиот канцелар Олаф Шолц ќе го прими својот кинески колега на работна вечера, на која треба да се договорат деталите од консултациите одржани во вторник. Пред тоа Шолц треба да го прими Кечијанг со воени почести во кабинетот на канцеларот.

Германскиот канцелар рече дека очекува „многу важна работна средба“.

„Ова е вистинскиот момент во глобалната ситуација каде што е особено значајно да се разменат искуства“, рече Шолц за време на викендот.

На консултациите најпрво треба да се разговара за борбата против климатските промени и адаптацијата на економијата на овој процес, но набљудувачите претпоставуваат дека на дневен ред ќе биде и руската агресија врз Украина, прашање по кое Германија и Кина се разликуваат, особено кога станува збор за осуда на Москва.

Односите меѓу Германија и Кина се заладија особено по руската агресија врз Кина и промената на германската безбедносна доктрина, што го отежнува учеството на странските компании во т.н. чувствителна инфраструктура. Неодамна, германската влада значително го ограничи влијанието на кинеската компанија „Костко” во сопственичката структура на пристаништето во Хамбург.

По Берлин, кинеската делегација треба да го посети и Минхен, каде Ли Кечијанг треба да се сретне со баварскиот премиер Маркус Содер и претставници од бизнисот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот