Кина нагло го прошири нуклеарниот арсенал, покажа најновиот извештај на Пентагон

Претседателот на Кина, Си Џипинг/ Фото EPA-EFE/SERGEI BOBYLEV/

Пентагон наведува дека властите во Пекинг моментално поседуваат околу 500 оперативни нуклеарни боеви глави, а до 2030 година ќе имаат дури 1.000.

Кина значително го прошири својот нуклеарен арсенал и залихите на ОМУ во текот на изминатата година и моментално има околу 500 оперативни боеви глави.

Ова се наведува во најновиот редовен годишен извештај на Пентагон, пренесе Би-Би-Си.

Исто така, се наведува дека властите во Пекинг имаат намера да ги удвојат своите резерви на нуклеарни боеви глави на околу 1.000 до 2030 година. Сепак, Пентагон тврди дека Кина останува посветена на својата нуклеарна доктрина, а тоа е дека нема да биде прва што ќе изврши нуклеарен напад.

Иако во извештајот се изразува загриженост за брзо растечкиот нуклеарен арсенал на Кина, тој сепак е многу помал од количината на ова оружје што го поседуваат Русија и САД. Според Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања, Русија има дури 5.889 нуклеарни боеви глави, додека САД имаат 5.244.

– Не се обидуваме да сугерираме дека се работи за исклучително големо отстапување, туку се работи за тоа дека ги надминале претходните проекции. Ова прашање предизвикува голема загриженост – изјави висок американски воен претставник, кој сакал да остане анонимен.

Би-Би-Си потсетува дека кинескиот претседател Си Џинпинг најави дека Кина ќе има армија од „светска класа“ до 2049 година. Откако Си Џинпинг дојде на власт во 2012 година, постојано се зголемуваат средствата за армијата со цел нејзина модернизација.

Во извештајот на Пентагон се вели дека сегашните напори на Кина да го зголеми својот нуклеарен арсенал треба да ги „надмине претходните обиди и во обем и во сложеност“. Американските власти рекоа дека Пекинг најверојатно ќе ја заврши изградбата на три нови кластери на ракетни локации во текот на 2022 година. Овие полиња вклучуваат најмалку 300 нови силоси за интерконтинентални балистички ракети (ICBM), се вели во извештајот. Станува збор за балистички ракети со дострел поголем од 5.500 километри. – Ракетните сили на Народноослободителната армија на Кина развиваат ракети кои би ѝ овозможат на оваа земја да изведува удари со конвенционални ракети врз цели во континенталниот дел на САД, Хаваи и Алјаска – се наведува во извештајот.

Пентагон наведува и дека Пекинг го зголемил својот „дипломатски, политички и воен притисок“ врз Тајван во последните месеци. Кинескиот претседател Си Џинпинг им нареди на своите офицери да ги развијат капацитетите на војската да ја вратат контролата над Тајван насилно до 2027 година.

Во текот на изминатата година, Кина спроведе серија поморски вежби и лансирање на балистички ракети со цел обука на вооружените сили. Пентагон во средата ја обвини Кина дека извршила 180 ризични маневри против американските авиони над Пацификот од есента 2012 година.

Број на нуклеарни бомби

  1. Русија 5.889
  2. САД 5.244
  3. Кина 410
  4. Франција 290
  5. Велика Британија 225
  6. Пакистан 170
  7. Индија 164
  8. Израел 90
  9. Северна Кореја 40

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот